• понеделник, 29 јули 2024

Христодулидис: Кипар и Грција можат да играат одлучувачка улога како претставници на ЕУ во регионот

Христодулидис: Кипар и Грција можат да играат одлучувачка улога како претставници на ЕУ во регионот

Атина, 7 април 2024 (МИА) – Грција и Кипар се надворешните граници на Европската унија во регион од клучно значење, кои во пракса се основните столбови за справување со какви било предизвици, се наоѓаат на вистинската страна на историјата и докажуваат дека можат да играат одлучувачка улога како претставници на ЕУ во регионот, истакна кипарскиот претседател Никос Христодулидис во неговиот говор во Атина пред делегатите на Конгресот на Нова демократија, јави дописничката на МИА од Атина.

Христодулидис посочи дека европските избори во јуни се „од клучно значење за иднината на самата Европа“, а оваа годинава, како што рече, добиваат уште поголемо значење „поради предизвиците што се наоѓаат пред нас“.

- Повеќеслојни предизвици кои покрај војната во Украина и кризата на Блискиот исток допираат и прашања од секојдневниот живот на граѓаните и на новата генерација. Предизвици како што се поскапувањата, квалитетните работни места, зајакнувањето на конкурентноста, дигиталната и зелената транзиција, миграциското прашање, зајакнувањето на социјалната кохезија и уште многу други, со кои само преку силна Европа можеме успешно да се справиме, порача Христодулидис.

Се осврна и на кипарското прашање, истакнувајќи дека е целосно свесен за големата одговорност што ја има како претседател на Република Кипар и повтори дека „нема да штеди напор за ставање крај на окупацијата, за ослободување и обединување на татковината“.

Во овој контекст, им се заблагодари на грчкиот народ, на грчката Влада и на грчкиот премиер за поддршката.

Говорејќи за Нова демократија рече дека е вистинска европска партија, која „секогаш беше на вистинската страна на историјата“, но и дека придонесе за закрепнувањето, стабилноста, социјалната кохезија и развојот на Грција.

На последниот ден од Конгресот на Нова демократија, што започна во петокот, на делегатите им се обратија и кандидатката на Европската народна партија (ЕПП) за претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен и грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис.

Фон дер Лајен од Конгресот во Атина го означи и почетокот на нејзината кампања за европските избори во јуни, а кипарскиот претседател уште еднаш ја повтори поддршка за нејзината кандидатура, изразувајќи „верба во лидерските способности на Урсула“.

Портпаролот на кипарската Влада Константинос Летибиотис соопшти дека Христодулидис, по завршувањето на Конгресот, ќе се сретне со Мицотакис, како и со фон дер Лајен со која ќе разговара за зголемените мигрантски бранови од Либан на Кипар и за „конкретните начини за спречување на оваа појава преку поактивно вклучување на Европската унија“.

Конгресот на Нова демократија оваа година е и јубилеен со оглед на тоа што партијата одбележува 50 години од формирањето, а се одржува во палатата Запио, каде што во 1979 година тогашниот премиер и лидер на НД Константинос Караманлис го потпиша протоколот за влез на Грција во европскиот семејство. ср/паг/

Фото: Кабинет на грчкиот премиер

Остани поврзан