• сабота, 23 ноември 2024

Хоти: Во интерес на Косово е дијалогот со Србија да се затвори што поскоро

Хоти: Во интерес на Косово е дијалогот со Србија да се затвори што поскоро

Приштина, 27 јуни 2020 (МИА) Косовскиот премиер Авдулах Хоти изјави дека на средбите што во четвртокот ги имаше во Брисел нагласил оти дијалогот нема алтернатива во изнаоѓањето решение за споровите со Србија и дека затворањето на тој процес е во интерес на Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.

На денешната прес-конференција Хоти информира дека по откажувањето на средбата со српската страна во Вашингтон поради подигнувањето обвинение за воени злосторства против претседателот на Косово Хашим Тачи, тој останал во контакт со американскиот посредник Ричард Гренел и очекува наскоро да се определи нов датум за продолжување на дијалогот.

- Независно од промените, остануваме посветени на дијалогот, затоа што тој нема алтернатива. Ова го кажавме во Брисел. Во наш интерес е овој процес да се затвори што поскоро. Ја одложивме посетата на Вашингтон, а во разговор со Гренел се согласивме за нов датум наскоро. Агендата останува иста – да се даде поттик на дијалогот преку економска агенда, изјави Хоти.

Тој информира дека сега се во тек последните подготовски за организирање на самитот во Париз, кој ќе го водат Франција и Германија.

- Сега се прават подготовки за самитот во Париз и ние сме почестени со тоа што имаме такво големо фокусирање на францускиот претседател Емануел Макрон и германската канцеларка Ангела Меркел, рече Хоти.

Косовскиот премиер кажа дека во седиштете на Европската унија станало збор за визната либерализација за граѓаните на Косово и изрази оптимизам дека и тоа ќе се случи наскоро.

- Во Брисел се разговараше за многу витални работи, како што е визната либерализација, при што видов подготвеност од тамошните претставници да се реши тоа прашање. Мислам дека е прифатено од сите дека Косово ги исполнило сите услови и сега наша обврска е тоа што го постигнавме да го зачуваме. Се надевам дека тоа ќе го согледаат и оние земји кои во минатото беа скептични, изјави Хоти.

Коментирајќи ја информацијата дека е покренато обвинение за двајца од основачите и водачите на Ослободителната војска на Косово (ОВК), претседателот Тачи и лидерот на Демократската партија на Косово и поранешен собраниски спикер, Кадри Весели, Хоти нагласи дека „ослободителната борба е најголемото достигнување кое доведе до независноста на Косово“.

- Политичкиот развој на ситуацијата и последните случувања ја променија малку динамиката на нашата влада по поднесувањето на обвинението во Специјалниот суд. Ослободителната борба е најголемото достигнување кое доведе до независноста на Косово. Тоа е света борба која се легитимира со прогласувањето на независноста. Треба да ја почитуваме презумпцијата на невиност додека не се донесе одлука. Треба да покажеме умереност и да ги почитуваме нашите уставни и меѓународни обврски, рече Хоти. иа/

Остани поврзан