Хамас предупреди дека и заложниците се загрозени поради израелската блокада на помошта
- Палестинското исламистичко движење Хамас денеска ја осуди израелската блокада на хуманитарната помош за Појасот Газа, нагласувајќи дека жртви на тоа се и заложниците кои сè уште се држат на палестинска територија.

Газа, 8 март 2025 (МИА) – Палестинското исламистичко движење Хамас денеска ја осуди израелската блокада на хуманитарната помош за Појасот Газа, нагласувајќи дека жртви на тоа се и заложниците кои сè уште се држат на палестинска територија.
„Израелската влада ја влошува хуманитарната катастрофа што ја предизвика во Појасот Газа, така што седми ден врши воено злосторство со колективно казнување преку изгладнување и ускратување на основните потреби“, се наведува во соопштението на движењето.
Покрај 2,4 милиони Палестинци кои живеат во Појасот Газа, израелските заложници кои сè уште се во рацете на Хамас „исто така се погодени од недостигот на храна, лекови и медицинска нега“, се додава во соопштението.
По 15-месечната војна меѓу Израел и Хамас, која го опустоши Појасот Газа, првата фаза од примирјето, кое стапи во сила на 19 јануари, овозможи ослободување на 33 заложници, вклучувајќи осум починати, во замена за околу 1.800 палестински затвореници.
Израел исто така дозволи зголемена хуманитарна помош во опколениот Појас Газа, пред да ја блокира помошта на 2 март.
Хуманитарната помош стана „главен извор на приходи“ за Хамас во Газа, изјави израелскиот министер за надворешни работи, Гидеон Сар.
Првата фаза на примирјето истече на 1 март, но Хамас и Израел не се согласуваат за продолжување на примена на тој прекин на огнот.
Израел сака продолжување на првата фаза до средината на април и бара „целосна демилитаризација“ на територијата, повлекување на Хамас од Газа и враќање на последните заложници пред да премине на втората фаза.
Хамас, пак, бара спроведување на втората фаза од договорот, која треба да доведе до траен прекин на огнот, и инсистира на останување во Газа, која ја контролира од 2007 година. јт/
Фото: МИА архива