• вторник, 24 декември 2024

Хагари: Израелската армија негира дека се убиени заложници кои беа заробени од Хамас

Хагари: Израелската армија негира дека се убиени заложници кои беа заробени од Хамас

Ерусалим/Газа, 13 октомври 2023 (МИА) - Главниот израелски армиски портпарол, Даниел Хагари, негираше дека со израелското бомбардирање на Појасот Газа биле убиени заложниците кои беа заробени од екстремистите на Хамас на југот на Израел и одведени на палестинска територија.

-Имаме своја информација и не веруваме во лагите на Хамас. Ја потврдивме информацијата што стигна до нас, рече Хагари во интервју за арапската телевизија Ал Џезира и негираше дека Израел има за свои цели цивилна инфраструктура, додавајќи дека Хамас користи болници и згради на Обединетите нации како командни центри,копајќи тунели под нив.

Тој го повтори повикот до Палестинците да се евакуираат од север кон југ на Појасот Газа.

-Ќе го следиме вашето движење. Не ве гаѓаме додека одите на југ. Знаеме дека Хамас го попречува движењето на патиштата кон југ, рече Хагари, обраќајќи им се на Палестинците во Газа.

Портпаролот на Министерството за здравство во Газа, Ашраф ал-Кидра, денеска изјави дека не е можно да се евакуираат многуте ранети од болниците во Газа и дека нивните вработени нема да ги почитуваат израелските предупредувања за евакуација.

-Тие предупредувања се кршење на меѓународното право и на четвртата Женевска конвенција, која предвидува да се обезбеди продолжување на здравствените услуги. Имаме должност и хуманитарна мисија и не можеме да ги евакуираме болниците и да ги оставиме ранетите и болните да умрат, рече портпаролот, додавајќи дека незаконските предупредувања се како убивање пациенти.

Претходно денеска Хамас соопшти дека во изминатите 24 часа биле убиени  13 лица кои биле заробени и однесени од јужен Израел во Појасот Газа. сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан