• вторник, 01 октомври 2024

ФТ: Израел со години собира разузнавачки информации за Хезболах

ФТ: Израел со години собира разузнавачки информации за Хезболах

Лондон, 30 септември 2024 (МИА) – Израелските разузнавачки агенции со години со помош на сателити, дронови и други кибер алатки собираат податоци за исламистичката милиција Хезболах. Таквите информации Тел Авив можеше да ги искористи за нападите врз Либан изминатите недели, објави „Фајненшел тајмс“ (Financial Times).

Весникот истакнува и дека во израелската армија има формирано специјална единица задолжена за обработка на добиените информации за Хезболах.

- Во текот на годините израелските разузнавачи успеаја да соберат толку голема база на податоци, што во првите три дена од воздушните операции израелските авиони се обидоа да погодат најмалку 3.000 цели, за кои се претпоставува дека се поврзани со Хезболах, посочува ФТ.

Израелското военовоздухопловство од минатата недела интензивно напаѓа цел на Хезболах во различни области на Либан. Имаше и неколку целни воздушни напади врз главниот град на Либан, Бејрут, при што загинаа неколку високи команданти на Хезболах, вклучително и лидерот Сајед Насрала.

Израелската армија (ИДФ) соопшти дека досега погодила неколку илјади цели на Хезболах. Хезболах одговори со ракетни напади насочени првенствено кон северен Израел, а последните денови израелската противвоздушна одбрана собори ракета над Тел Авив истрелана од Либан. ми/

фото: МИА архива

Остани поврзан