• четврток, 07 ноември 2024

Фотоизложба за војната во Украина на македонската новинарка Кристина Атовска во КИЦ Софија

Фотоизложба за војната во Украина на македонската новинарка Кристина Атовска во КИЦ Софија

Скопје, 4 мај 2023 (МИА) - Во Културно информативниот центар на Северна Македонија во Софија беше отворена изложбата „Приспивни сирени“ на македонската новинарка Кристина Атовска.

Изложбата вклучува околу 50 фотографии, направени за време на руската инвазија во Украина, зимата и летото во 2022 година. Фотографиите се од места, каде за време на тримесечниот престој Атовска, снимала и долгометражен документарен филм. Таа пред полната сала на КИЦ во Софија го претстави трејлерот на документарниот филм.

Фотографиите претставуваат сцени од филмот и се поставени соодветно, како се развива дејството во филмот. На почетокот, фотографиите го прикажуваат Киев окупиран, ослободувањето на автопатот на Житомирската област и масакрот во Буча, бомбардираниот Харков и првата линија на конфликтот во регионот на градот Изум. Цивилите и нивното секојдневие се во фокусот на тие фотографии.

На отворањето на изложбата присуствуваа амбасадори и заменици амбасадори на земјите од ЕУ, како и раководители на некои од странските културни центри во Бугарија.

Директорот на КИЦ во Софија, Сашко Насев изјави дека Република Северна Македонија отсекогаш била на страната на правдата и потсети дека за една година, културниот центар во Софија трипати поддржал и учествувал во настани поврзани со украински и македонски писатели и презентација на нивни преводи и книги.

Украинската писателка Ана Багрена, која зборуваше пред присутните, се заблагодари на Северна Македонија за помошта, што властите во Скопје ја дале на Киев за време на руската инвазија.

Кристина Атовска изјави дека изложбата претставува вистинска слика на конфликтот во Украина и ја покажува нејзината вистинска форма.

За МИА, Атовска рече дека конфликтот во Украина го покажува тажното лице на војната. бд/аа/

Остани поврзан