• среда, 01 април 2026

Македонски филмови во априлската програма на Кинотеката

Македонски филмови во априлската програма на Кинотеката

Скопје, 1 април 2026 (МИА) – Априлската програма на Кинотеката на Македонија ќе опфати филмски проекции во рамки на „Неделата на франкофонијата“, како и програма на македонски филмови, меѓу кои ќе биде прикажан и првиот долгометражен игран филм на македонски јазик - „Фросина“, а  значаен сегмент во програмата, соопшти Кинотеката, е посветен на македонскиот документаризам „и неговите поетски и историски импулси“. 

-Краткиот филм „Охридско Езеро“, првиот домашен документарен филм во боја, ја слави визуелната убавина и културното наследство, додека „Дае“  на Столе Попов, номиниран за Оскар, претставува редок пример на документарна поезија, каде што етнографијата се претвора во метафизичко искуство. Историската димензија продолжува со „Мис Стон“ - епски проект што ја реконструира револуционерната историја, и со „Скопје ‘63“ - монументален документарен запис за катастрофата што го редефинираше идентитетот на Скопје. Токму овде се гледа моќта на филмот како сведоштво: не само да документира, туку и да интерпретира, да создаде наратив од хаосот, соопшти Кинотеката. 

Акцент од програмата, посочува Кинотеката, е ставен и на авторскиот филм и неговата способност да го преиспитува општеството. Ќе бидат прикажани „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ на Теона Стругар-Митевска, „Црно семе“ во режија на Кирил Ценевски и „Тетовирање“ на Столе Попов, потоа блок посветен на анимацијата на Петар Глигоровски, како и кратките филмови на Митко Панов и Ѓорче Ставрески. Како што информира Кинотеката, кулминација ќе бидат канонските дела на современата македонска кинематографија – „Пред дождот“ на Милчо Манчевски и „Медена земја“ на Тамара Котевска и Љубомир Стефанов.

-Априлската програма на Кинотека на Македонија претставува внимателно куриран филмски мозаик во кој се преклопуваат историската меморија, авторската естетика и современите општествени дилеми. Овој репертоар не функционира само како календар на проекции, туку како концептуална мапа што го исцртува континуитетот и трансформацијата на македонската и европската кинематографија, од нејзините пионерски чекори до актуелните авторски изрази, соопшти Кинотеката. хс/вј/ 

Фото: принтскрин / Кинотека 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан