• среда, 01 април 2026

По повод 65 години од раѓањето на Блаже Миневски, „Матица“ објави нов том од избраните дела на авторот - романот „Црна лисица“

По повод 65 години од раѓањето на Блаже Миневски, „Матица“ објави нов том од избраните дела на авторот - романот „Црна лисица“

Скопје, 1 април 2026 (МИА) - По повод 65-годишнината од раѓањето и повеќе од 40 години творештво на прозаистот и драмски автор Блаже Миневски, издавачката куќа  „Матица македонска“ објави нов том од избраните дела на авторот – романот „Црна лисица“.

-Ова издание се вбројува и меѓу значајните дела од македонската книжевност со коишто првата издавачка куќа во самостојна Македонија, „Матица македонска“, го чествува и својот јубилеј, 35-годишнината од основањето. Романот „Црна лисица“ е седми том од избраните дела на Миневски во издание на „Матица“. Документарна проза – роман за балканската политичка емиграција, кој на околу петстотини страници ја раскажува приказната за прогонствата, политичките убиства, полицискиот терор, малтретирањата, кодошењата, киднапирањата и затворањата на голем број македонски емигранти заминати од Македонија по Втората светска војна. Во ова дело првпат се користени автентични документни на УДБА, разговори со сведоци, полициски извештаи, прислушкувани разговори, запленета архива, писма и документи на македонските патриотски организации во Европа, како и огромен број доушнички доставки за голем број наши политички емигранти во Европа, Австралија и Америка. Само полициското досие на Драган Богдановски, чија судбина е дел од судбината на еден од главните ликови во романот, има над 10 000 листови документација што Службата за државна безбедност ја собирала од 1948 па сè до неговата смрт во 1998 година, значи полни педесет години. Поради ексклузивноста на материјалот и документите што се вградени во приказната посветена на оние што ја сакале Македонија повеќе одошто било дозволено, романот на Блаже Миневски предизвика големо интересирање не само во  книжевните и читателски кругови туку и пошироко, во општеството, соопшти издавачката куќа. 

Блаже Миневски е роден на денешен ден (1 април 1961 во Гевгелија) и е автор на раскази, романи и драми.

-Миневски е едно од најголемите имиња на нашата книжевност во самостојна Македонија, чиешто творештво е предизвик и за книжевната критика и за поширокиот читателски аудиториум, добитник на најзначајните книжевни награди кај нас, но и преведуван и читан и надвор од Македонија, соопшти „Матица македонска“. хс/дма/

Фото: „Матица македонска“

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан