Отворање на КРИК - фестивал за критичка култура 2026
- КСП „Центар Јадро“, вечерва, од 19 часот, ќе го отвори КРИК - фестивал за критичка култура 2026, годинава на тема „Грижа: начини да се биде заедно“. Програмата на фестивалот ќе почне со две предавања: „Кураторство - грижата како задоволство и модел на работа“ од Франциска Вернер и „Грижа за граѓанската заедница“ од Карена Шлевит-Смит.
Скопје, 1 април 2026 (МИА) - КСП „Центар Јадро“, вечерва, од 19 часот, ќе го отвори КРИК - фестивал за критичка култура 2026, годинава на тема „Грижа: начини да се биде заедно“. Програмата на фестивалот ќе почне со две предавања: „Кураторство - грижата како задоволство и модел на работа“ од Франциска Вернер и „Грижа за граѓанската заедница“ од Карена Шлевит-Смит.
- Тие го практикуваат кураторството како комплекс на работни меѓучовечки односи, услови и заеднички простори и ја прошируваат дискусијата кон пошироките општествени и политички димензии на грижата како практика што се простира од личното кон колективното - соопшти КСП „Центар Јадро“.
Фестивалот ќе трае од април до октомври и, како што информира организаорот, ќе биде простор за континуиранo промислување, заедничко соочување и истражување во релација со годинашната тема „Грижа: начини да се биде заедно“.
- Во време кога општествата во светот се соочуваат со сè подлабока изолација, насилство, исцрпеност и фрагментација, прашањето како да бидеме заедно, грижливо, одговорно и посветено станува истовремено итно и лично. Грижата ја промислуваме не исклучиво како приватна и емоционално засегната категорија, туку како колективна и политичка практика. Грижата ја читаме како серија граѓански, индивидуални и заеднички практики, што се јавуваат онаму каде што институциите потфрлаат и изневеруваат. Тие практики подразбираат спектар на начини на градење доверба, редефинирање и одново воспоставување на моделите на солидарноста и преобмислување на условите за демократски живот. Фестивалот не нуди готови одговори, туку отвора простор да размислуваме за грижата - се наведува во соопштението за фестивалот.
По вечерашното отворање, фестивалот ќе продолжи во мај со програмата „Критичко читање преку филм“, во соработка со Фестивалот за човекови права од Загреб, курирана од Петар Милат. Кон крајот на јуни ќе следува серија јавни презентации посветени на три влијателни книги: „Пиратска грижа“, „Овој живот: Секуларна вера и духовна солобода“ и „Театарот на капиталот: модерната драма и економскиот живот“, а во септември и октомври КРИК - фестивалот за критичка култура 2026 ќе продолжи со уметничката програма - изложби, перформанси и интервенции во просторот. хс/дма/
Фото: КСП „Центар Јадро“