Форумот на жени на СДСМ одбележа 25 години јубилеј: Социјалдемократската идеја е единствената што нуди пристојни услови за развој и напредок на жените
- Ние се соочуваме со многу стереотипи и предрасуди во општеството, во државата, но и во поширок контекст во регионот, поради тоа што родовото прашање често се доведува до прашање на доминација. Тоа е погрешно и на тоа треба да се работи, истакна претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче на денешната партиска трибина по повод 25 години од формирањето на Форумот на жени на СДСМ.
![Форумот на жени на СДСМ одбележа 25 години јубилеј: Социјалдемократската идеја е единствената што нуди пристојни услови за развој и напредок на жените](https://mia.mk/index.php/images/20250209152957_big_730x400_20.webp )
Скопје, 9 февруари 2025 (МИА) - Ние се соочуваме со многу стереотипи и предрасуди во општеството, во државата, но и во поширок контекст во регионот, поради тоа што родовото прашање често се доведува до прашање на доминација. Тоа е погрешно и на тоа треба да се работи, истакна претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче на денешната партиска трибина по повод 25 години од формирањето на Форумот на жени на СДСМ.
Како што соопштија од СДСМ, Филипче смета дека во овој контекст, женското лидерство е клучно прашање, бидејќи со самото лидерство може да се смени перцепцијата за доминација, додаде тој.
-Затоа СДСМ и посебно Форумот на жени има исклучително важна улога, кажа Филипче на форумот на тема „СДСМ со силно женско лидерство“.
Тој при тоа ги потенцираше реализираните политики и проекти во изминатиот период и најави нови во духот на прогресивната социјалдемократија.
-СДСМ многу направи за да ја препознае вистинската улога на жената како лидер во општеството. Исполни голем број на ветувања, што значи признавање на улогата на жената во општеството и материјализирање. Ќе го издвојам Законот за абортус којшто го работевме со пратеничките во изминатите состави, којшто на прво место ја постави волјата на жената и што да прави со своето тело. Ќе ве потсетам како беше во минатото, решаваа за жената некои комисии. Вербата во идејата е важна и ние ќе продолжиме да ја унапредуваме и да ја имплементираме преку нови политики, заедно со Форумот на жени, во следниот период, додаде претседателот на СДСМ, Венко Филипче, стои во соопштението.
Заменик претседателката на партијата Фани Каранфилова Пановска, на трибината истакна дека жените се столбот и силата на СДСМ, и оти социјалдемократската идеја е единствената којашто нуди пристојни услови за развој и напредок на жените, а, вели, секогаш кога ВМРО-ДПМНЕ била власт жените биле во ризик.
-Денеска само после осум месеци на власт, власта на ВМРО-ДПМНЕ ги покажува истите тие карактеристики. Власта на ВМРО-ДПМНЕ не се грижи за основното, за социјалната и економската сигурност на сите граѓани, а пред се на жените. Сите гледаме како со растот на цените, особено на основните прехранбени производи нашиот животен стандард е срозан. Сите гледаме како со тоа што се случува во Собранието, со поднесениот сет на закони од делот на образованието ВМРО-ДПМНЕ сака да ја загрози онаа околина во којашто се образуваат нашите деца, посочи Каранфилова Пановска.
Таа нагласи дека има 250.000 жени, кои не се активни на пазарот на трудот, а ВМРО-ДПМНЕ, иако се обврзал, не води сметка за вистинското место на жените на пазарот на трудот.
-Имаме проблеми во здравството. Во изминатиот период сведочиме колку голем број деца и бебиња се жртви на неефикасниот менаџмент на здравствениот систем во нашата држава. Никогаш претходно, многу одамна, такви цифри на доеничка и детска смртност не сме гледале. Здравствениот систем мислам дека се помалку нуди услуги кога станува збор за здравјето за жената, за репродуктивното здравје, за менталното здравје, рече Каранфилова Пановска, додавајќи дека и во културата нема сенс и разбирање за родовите прашања, за прогресивните идеи и политики.
Таа укажа и на семејното насилство, на како што вели, огромниот процент од над 80 проценти, жени, жртви на насилство, за фемицидите, кои се случуваат секојдневно и оти „мораме да го креваме гласот, како и во купишта други сектори и области“.
Претседателката на Форумот на жени на СДСМ Даниела Колева, при обраќањето на трибината се осврна на дел од достигнувањата во изминатите 25 години.
-Благодарение на Вашите заложби и Вашиот труд мои социјалдемократки, од само пет жени во Првиот парламентарен состав денес имаме 50 жени пратенички, се донесоа голем број закони и стратегии во насока на унапредување на правата и социјалната заштита на жените, промени во Изборниот законик, ЗРО, Родово одговорно буџетирање, истакна Колева.
Таа додаде дека остануваат голем број предизвици, а дел од нив се 40 проценти жени во извршната власт, поддршка на жените претприемачки, законско регулирање на интернет просторот со цел спречување говор на омраза, закон за породилно отсуство на жени замјоделки, економска независност и зајакнување на жената, поддршка на жените со инвалидитет и самохраните мајки.
-Да не ги заборавиме и бројките, 18 отсто од раководните позиции ги имаат жени, 28 отсто сопственици на недвижност се жени, 11 проценти носители на земјоделски стопанства се жени, а високи 86 проценти од жртвите на семејно насилство се жени. Инкорпорирањето на родовата перспектива во социјалните политики и заштитата и економскиот напредок на жената не е веќе само прашање на социјална правда, туку и прашање на обезбедување еднакви можности и добар квалитет на живот за сите. И затоа на крај ќе кажам, да кажеме гласно да, ние прифаќаме да создадеме безбедно, сигурно и прогресивно општество, во кое нашите деца ќе можат да живеат мирно и спокојно, да бидат успешни и да се надградуваат, општество на граѓанска солидарност, колективна грижа, општество со раст и напредок, порача претседателката на Форумот на жени на СДСМ Даниела Колева на денешната трибина. вг/ев/
Фото: СДСМ