• петок, 14 март 2025

Претставка на Здружението на инженери до РКЕ за сметките за електрична енергија

Претставка на Здружението на инженери до РКЕ за сметките за електрична енергија

14 март 2025 

Здружението на инженери на Република Македонија упати претставка до Регулаторната комисија за енергетика со барање за измена на Правилата за снабдување со електрична енергија со конкретни решенија за

  1. спречување на неправедните наплати во фактурите за електрична енергија кај домаќинствата и
  2. елиминирање на дополнителната неоправдана заработувачка на ЕВН:

До:

Регулаторна комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад

Врз основа на член 3 и 4, а во врска со член 2 од Законот за постапување по претставки и предлози („Службен весник на РМ“ 6р. 82/08) ја поднесуваме следната

 

П Р Е Т С Т А В К А

ЗА ПОВЕДУВАЊЕ НА ИНИЦИЈАТИВА ОД ЈАВЕН ИНТЕРЕС

 

Предмет: Барање за измена на Правилата за снабдување со електрична енергија

 

Почитувани,

Бараме:

·         Да се изврши измена на Правилата за снабдување со електрична енергија и да се воведе месечно отчитување на броилата, како што е предвидено за останатите категории на приклучоци во Тарифниот систем за дистрибуција, или

·         Во случај кога броилото не е отчитано, ЕВН да издава фактура од 420 денари со прикажување на 0 kWh потрошена електрична енергија, а откако ќе се изврши реално отчитување, потрошувачот да добие коригирана фактура врз основа на реалната потрошувачка за периодот од претходното до последното отчитување.

Образложение:

Со воведувањето на блок-тарифите на 1 јули 2022 година, Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) изврши измена на Правилата за снабдување со електрична енергија, предвидувајќи квартално наместо годишно отчитување на броилата. Ваквата одлука доведува до неправедно пресметување на сметките, бидејќи паушалното одредување на потрошувачката може да ги внесе корисниците во повисоки ценовни блокови, со што нивните сметки неоправдано се зголемуваат, овозможувајќи дополнителна заработувачка на ЕВН.

Паушалното одредување на потрошувачката и внесувањето на корисниците во повисоки ценовни блокови при само ±10% пречекорување на блоковите на годишно ниво може да предизвика значителни разлики во наплатата во однос на реалната потрошувачка, и тоа во износи од:

- 170 денари за потрошувачи во првиот ценовен блок,
- 830 денари за потрошувачи во вториот ценовен блок и
- 8.080 денари за потрошувачи во третиот ценовен блок.

Во услови кога според пописот, во државата има 598.632 домаќинства, а ЕВН има 915.492 броила и ако 80% од домаќинствата најчесто имаат сметки во рамките на вториот ценовен блок, водејќи се од објавата на ЕВН дека само кај 15% од броилата се врши паушално одредување на потрошувачката, тогаш годишната дополнителна неоправдана заработувачка на ЕВН може да изнесува приближно 2.000.000 евра (износот може да биде многу поголем или помал, но секако е неоправдан).

Водејќи се од обврската на РКЕ да го заштити правото на потрошувачите на фер наплата според реалната потрошувачка на електрична енергија, ја поднесуваме оваа претставка со која бараме да се изврши измена на Правилата за снабдување со електрична енергија и да се воведе месечно отчитување на броилата, како што е предвидено за останатите категории на приклучоци во Тарифниот систем за дистрибуција, или во случај кога броилото не е отчитано, ЕВН да издава фактура од 420 денари со прикажување на 0 kWh потрошена електрична енергија, а откако ќе се изврши реално отчитување, потрошувачот да добие коригирана фактура врз основа на реалната потрошувачка за периодот од претходното до последното отчитување.

Веруваме дека на овој начин, ќе се спречат неправедните наплати и ќе се елиминира дополнителната неоправдана заработувачка на ЕВН.

Здружение на инженери на Република Македонија

___________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

 

Фото: ФБ Здружение на инженери на Република Македонија

Остани поврзан