• петок, 22 ноември 2024

Формирана неформалната Меѓупартиска парламентарна група против корупција, за копретседавачи избрани Соња Мираковска и Љупчо Пренџов

Формирана неформалната Меѓупартиска парламентарна група против корупција, за копретседавачи избрани Соња Мираковска и Љупчо Пренџов

Скопје, 21 октомври 2024 (МИА) - Во Собранието денеска се формираше неформалната Меѓупартиска парламентарна група против корупција. За копретседавачи избрани се пратениците Соња Мираковска од Нова социјалдемократска партија и Љупчо Пренџов од ВМРО-ДПМНЕ. На оваа група се приклучиле 53 пратеници од сите политички и парламентарни групи. 

Националниот демократски институт (НДИ) учествуваше во изработката на правилата за работа на Интерпарламентарната група.

Мираковска очекува оваа Интерпарламентарна група да стане значајна алатка на Собранието во заложбите за сузбивање на корупцијата. Во иднина, како што рече таа, групата би се фокусирала пред се на подобрување на законските решенија во областите во коишто има и постои ризик од корупција. 

- Дека може да биде силна покажува интересот на пратениците кои членуваат во оваа група. Ова група ќе ја следи ефикасноста на институциите кои се задолжени за борба против корупцијата, како и да предлага и да учествува во надзор над институциите со цел да се зголеми нивната транспарентност и отчетност. Очекуваме вклучување и поддршка на граѓанскиот сектор, но и на институциите кои се задолжени за борба против корупцијата за да можеме заедно да го планираме и да го реализираме овој процес, рече Мираковска. 

Потенцира дека Собранието мора да има проактивна улога во борбата против корупцијата оти ова појава, како што рече, ја нарушува довербата на граѓаните во целиот државен апарат.

- За жал, корупцијата е појава во општеството која има тенденција да го загрози правниот поредок и животот и благосостојбата на граѓаните. Таа нема припадност, нема боја, лесно прилагодлива и лесно се калени на моќта. На секој чекор слушаме за корупција, слушаме за предупредувања за законски решенија кои не се отпорни на корупција, за јавни набавки кои овозможуваат корупција, како и примери за навлезеноста на корупцијата во многу сфери на општеството. Ова појава со право ја нарушува довербата на граѓаните на целиот државен апарат. Собранието мора да има проактивна улога во борбата против корупцијата, рече Мираковска.

Според Лидија Зафировска од Национален демократски институт (НДИ), вакви случаи на Интерпарламентарна група има многу малку во светот. Напомена дека ваква интерпарламентарна група има во Конгресот, формирана неодамна од страна на претседателот Џо Бајден, но и во Европскиот парламент. 

- Сите во вашите програми напишавте и се обврзавте дека на граѓаните кои што минимум 56 проценти во предизборието кажаа дека од новата влада очекуваат да го реши ова горливо прашање за борба за организираниот криминал и корупција, дека ќе дадете проминентно учество во овој напор, бидејќи во нашите анализи и дневната соработка со Собранието, видовме дека практично таа улога на Собранието е малку непроминентна значи се одвива во втор план, рече Зафировска. фф/бак/

Фото: Принтскрин од видео

Остани поврзан