Фон Дер Лајен: Никогаш нема да го заборавиме Аушвиц
- Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен рече дека светот никогаш нема да ги заборави шесте милиони „ладнокрвно убиени Евреи и сите жртви на холокаустот“.
Брисел, 27 јануари 2025 (МИА) – Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен рече дека светот никогаш нема да ги заборави шесте милиони „ладнокрвно убиени Евреи и сите жртви на холокаустот“.
- Додека исчезнуваат последните преживеани, наша должност како Европејци е да се сеќаваме на тие неописливи злосторства и да го почитуваме споменот на жртвите, напиша Урсула фон дер Лајен на X пред денешното одбележување на 80-годишнината од ослободувањето на нацистичкиот концентрационен логор Аушвиц-Биркенау во Полска.
- Антисемитизмот повторно се појавува во Европа. Потребата за борба против ова зло, онлајн и вон интернет, никогаш не била поголема, додаде претседателката на ЕК.
Според неа, историјата на Евреите е „неразделна од историјата на Европа“.
- Ние сме решени не само да го заштитиме, туку и да го славиме еврејскиот живот во Европа, додаде таа.
Аушвиц-Биркенау стана симбол на геноцидот извршен од нацистичка Германија врз шест милиони европски Евреи, од кои еден милион загинаа таму, помеѓу 1940 и 1945 година, заедно со повеќе од 100.000 луѓе од нееврејско потекло. јт/