• четврток, 07 ноември 2024

Фондацијата „Бел Идеал" повторно обезбедува бесплатни часови по француски јазик за ученици од Крива Паланка

Фондацијата „Бел Идеал

Крива Паланка, 5 септември 2024 (МИА) - Отворен е повикот за ученици од основните училишта во Крива Паланка за бесплатно изучување на француски јазик преку Фондацијата „Бел идеал" од Франција. И годинава, четврта учебна година по ред, оваа фондација овозможува бесплатна сесија на изучување француски јазик за основците од Крива Паланка, со цел поттикнување љубов кон франкофонијата, францускиот јазик и култура.

Досега околу шеесетина ученици од четврто и петто одделение од основните училишта „Јоаким Крчовски“ и „Илинден“ од Крива Паланка посетуваа часови што ги овозможи „Бел Идеал", на иницијатива на претседателката на Фондацијата, Јадранка Бојковска -Бенреждал.

- Активностите имаат за цел промоција и афирмација на француската култура и јазик по што е познат мојот роден град. Токму затоа продолжуваме со иницијативата и вложувањата за поддршка на сите млади што имаат интерес за запознавање со француската култура и изучување на јазикот. Бесплатно изучување на јазикот е овозможено преку неделни часови за ученици од четврто и петто одделение низ иновативни и интересни методи. Со тоа, отвораме нови можности и перспективи за овие млади личности, рече Бенреждал, која е родена во Крива Паланка, а денес живее и работи во Париз, Франција.

Учениците се стекнуваат со знаења во посебни паралелки на училиштето за странски јазици „Оксфорд", а часовите ги одржува искусната професорка по француски јазик, Елена Николовска, амбасадор на францускиот јазик во градот и државата.

Иницијативата има поддршка од Француската амбасада во Северна Македонија, Францускиот институт во Скопје, но и од Општина Крива Паланка, професорите по француски јазик и директорите на училиштата.

Ваквата иницијатива придонесува за зголемен интерес за изучување на францускиот јазик кај младите, а Фондацијата „Бел Идеал" летово овозможи бесплатен летен камп за најдобрите франкофони од сите училишта во Северна Македонија кои постигнале високи резултати на државните натпревари по француски јазик, а група ученици беа и на наградно патување во Париз.

Повикот за пријавување за бесплатни часови по француски јазик е отворен до 12 септември на следниот е-маил: elena@bel-ideal.com     иб/цр

Фото: Фондација „Бел Идеал" 

Остани поврзан