Филипче за шест месеци Влада: Економска несигурност, партизација и узурпирање на судството
- По повод шест месеци од работата на Владата, опозициската СДСМ денеска на прес-конференција ги критикуваше политиките на сегашната владејачка коалиција, пред се во економијата и судството.
Скопје, 25 декември 2024 (МИА) - По повод шест месеци од работата на Владата, опозициската СДСМ денеска на прес-конференција ги критикуваше политиките на сегашната владејачка коалиција, пред се во економијата и судството.
Лидерот на СДСМ Венко Филипче рече дека се воведува „тотална партизација во институциите и се узурпира судството“, а етничките тензии во општеството ги нарече „таканаречен конфликт“ меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ за да се оттргне вниманието од реалните проблемите.
Во однос на економијата, укажа дека власта ги напуштила политиките на СДСМ за раст на платите, наместо да ги намали платите на функционерите, тие останале непроменети, не прифатила ниту еден амандман од СДСМ за буџетот за 2025. Како што рече, се планира укинување на недела неработен ден и се „заговара“ поместување на старосната граница за пензионирање.
-По шест месеци, се чувствува голема економска несигурност и слабеење на стандардот на граѓаните... Владата на Мицкоски наместо да се грижи за граѓаните, се води од интересите на економската елита… Мицкоски лично дозволи трговците да печалат на маката на луѓето. Го слушам вчера вели срамота било тоа што го правеле трговците. Тој го договори токму ова со нив, тој им дозволи со недели да ги качуваат цените и молчеше додека сите ние алармиравме. Мицкоски лично рече дека со апели, а без казни ќе убедуваат трговците да го почитуваат договореното. Касно е. Мицкоски ја префрла вината за овој дебакл и грабеж на трговците и да глуми загрижен политичар, рече Филипче.
Според претседателот на СДСМ, има партизација со „епидемиски размери“ во „клучните институции во судството и безбедноста“. Рече дека во АНБ е поставен „целосно нелегитимен директор без никакви квалификации“, а сите новоизбрани судии, според него, се „личен избор на Мицкоски“.
-Овој систематски обид за целосно партиско заробување на државата се рефлектира и во најавата за распуштање на Судскиот совет, која, според СДСМ, е директен удар врз демократијата. Вчерашната најава дека Владата планира да го распушти Судскиот совет, односно да разреши пет членови, е чекор кон целосна контрола врз судството. Ова СДСМ нема да го дозволи. Ова ќе значи газење на демократијата и враќање кон мрачните времиња на политички прогон...СДСМ ја повикува целата македонска и меѓународна јавност да ја спречи оваа тенденција на узурпирање на судската власт, истакна Филипче.
Додаде дека „овој потег на Владата е целосно спротивен на сите реформи“ и на она што Мицкоски го потпишал во планот за раст пред неколку месеци во Брисел.
Лидерот на СДСМ смета и дека владејачките партии ги користат етничките тензии за одвлекување на вниманието од реалните проблеми со кои се соочуваат граѓаните. Според него, се работи за таканаречен конфликт меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ што е „само театар кој им служи на нивните политички агенди“.
-Стратегијата на ДУИ за подигање етнички тензии СДСМ остро ја осудува. Оваа стратегија на ДУИ впрочем најмногу од сѐ му одговара на ВМРО-ДПМНЕ и нивните сателити во власта... Наводниот конфликт меѓу нив е всушност љубовната кавга која ни ја сервираат како перманентна дестабилизација. Оваа политика има само една цел - да ги оттргне граѓаните да мислат на реалните проблеми, рече Филипче.
Опозицискиот лидер на прес-конференцијата понуди натпартиска стратегија за долгорочен развој на државата и најави масовна теренска кампања по празниците за да ја промовираат новата платформа на партијата која ги става граѓаните на прво место.
-СДСМ направи грешка со тоа што се оддалечи на некој начин од граѓаните кога беше на власт и таа грешка ќе ја исправиме, рече Филипче. хс/ев/
Фото: МИА