• сабота, 09 ноември 2024

Филиповски од СДСМ најавува младински центар во Аеродром, стипендии за младите во ризик и екопревоз

Филиповски од СДСМ најавува младински центар во Аеродром, стипендии за младите во ризик и екопревоз
Скопје, 4 октомври 2021 (МИА) - Во нашата програма предвидуваме отворање младински центар на територија на Општина Аеродром. Овој простор ќе биде наменет за реализација на работилници, обуки за млади, како и културни настани, најави Александар Филиповски, кандидат за градоначалник на Општина Аеродром на СДСМ и коалицијата, при денешната презентација на младинските мерки од програмата. Филиповски се осврна и на потребата од поефикасно спроведување на Законот за младинско учество и младински политики, како и носење на Буџет за млади. - Имено, по формирањето на Локалниот младински совет, ќе се подготви и локална стратегија за млади. На овој начин, ќе се мапираат потребите на младите на микро ниво, со цел општината да креира уште поквалитетни политики за младите луѓе, истакна Филиповски. Тој најави дека една од мерките во програмата се однесува и за младите во социјален ризик и еднородителски семејства, за кои Општината ќе доделува стипендии, со цел да им го олесни секојдневието. - За да ги поттикнеме младите на поголема физичка активност и придонес кон заштита на животната средина, ќе субвенционираме и еколошки превоз за млади. Во рамки на редовните јавни повици за субвенционирање на велосипеди и тротинети, ќе се воведе и квота за млади до 29 години, рече Филиповски. Кандидатот за градоначалник на Аеродром на коалицијата предводена од СДСМ се обврза дека ќе негува континуирана двонасочна комуникација со младите и претставниците на младинските организации, со што ќе се придонесе и за поголемо учество на младите во процесот на одлучување. сп/

Остани поврзан