• понеделник, 16 декември 2024

Фетаи: Ако сакаме развој, инвестиции и запирање на иселувањето потребно ни е функционално владеење на правото

Фетаи: Ако сакаме развој, инвестиции и запирање на иселувањето потребно ни е функционално владеење на правото

Брисел, 5 декември 2024 (МИА) - Ако немаме функционално владеење на правото и ако обвинителите и судиите на постапуваат според Уставот и законите, нема да имаме економски развој, нема да имаме никакви инвестиции и нашите граѓани ќе продолжат да ја напуштаат земјата, порача денеска од Брисел вицепремиерот задолжен за добро владеење Арбен Фетаи во обраќањето на сесијата „Заедничка правда: Градење поправедни и поинклузивни системи во регионот“ во рамки на форум „Самит ЕУ-Западен Балкан: Обновен пристап кон регионот“ во организација на бриселскиот тинк тенк Пријатели на Европа. 

- Со години и години наназад имаме барања од меѓународните партнери да покаже резултати од досегашните напори кога е во прашање борбата против корупцијата. Сепак во 2023-2024, ние имаме нула конечни пресуди поврзани со случаите на корупција на високо ниво, нагласи Фетаи. 

Според него, очигледно е дека земјата треба да испорача на ова поле и затоа еден од четирите главни приоритети на кои работи новата Влада, покрај евроинтеграциите, економскиот развој и децентрализацијата, е и борбата против корупцијата. 

Фетаи нагласи дека токму корупцијата, криминалот и отсуството на владеење на правото, беа причина зошто сегашната Влада извојува плебисцитарна победа на изборите, обезбедувајќи речиси двотретинско мнозинство во Собранието. 

- Треба да ја вратиме довербата на граѓаните во нашите институции, да обезбедиме независност на судството и владеење на правото. Токму тоа се стратешките приоритети на Владата, истакна Фетаи. 

Вицепремиерот за добро владеење посочи дека тоа што според истражувања на меѓународни организации, само два отсто од македонските граѓани веруваат во правосудниот систем во земјата, не е само статистика, тука е одраз на длабоката фрустрација кај граѓаните. 

Според него, една од причините за ваквата состојба е недоволното финансирање на правосудството, органите за спроведување на законот и институциите за борба корупцијата, што резултира со недостиг на човечки ресурси во судовите и Јавното обвинителство.  

- За да го смениме ова, заедно со нашите меѓународните партнери, заедно со Европската Унија поставивме многу јасна активна агенда, која исто така е реформска агенда. Кога станува збор за владеењето на правото, борбата против корупцијата и независноста на судството се предвидува реформа на Судскиот совет, рече Фетаи. 

Покрај ова, според него, подеднакво важно е и враќањето на интегритетот, па затоа се работи на подобрување на процесите за начинот на избор судиите и обвинителите, нивните именувања, оценувања и ако е неопходно и разрешувања. 

За таа цел, како што нагласи Фетаи, со реформската агенда се предвидува системска реформа на правосудниот систем, преку усвојување на нови закони за Судскиот совет, за Јавното обвинителство и Советот на јавни обвинители, како и за платите на судиите и обвинителите. 

- Но, подобрувањето на системот не е само во носењето нови закони. Како и другите земји во Западниот Балкан, имаме многу проблем со имплементацијата на законите, рече Фетаи. 

Тој најави дека со буџетот за 2025 година ќе бидат предвидени повеќе средства за правосудството и дека ќе се работи на институционален механизам за полесно спроведување на стратегијата на државата за борба против корупцијата и за обезбедување на поголема инклузивност во тој процес, со вклопувањето во него и на граѓанското општество. 

- Не се доволни само закони и политики, туку треба да се изгради култура на одговорност и транспарентност на сите нивоа, со нашите граѓани, со медиумите и меѓународните партнери, додаде Фетаи. 

На забелешката дека за зајакнување на борбата против корупцијата можеби е потребно зголемување на платите на судиите и обвинителите, Фетаи нагласи дека не мисли оти проблемот е до платите, потсетувајќи дека ние имаме трауматично искуство со Специјалното јавно обвинителство каде обвинителите беа многу добро платени споредено со останатите вработени во јавниот сектор. 

Според него, на краток рок на земјава и се потребни конкретни напори во реформите на правосудството, најавувајќи, како што рече, „еден вид на ветинг“ во правосудниот сектор, па можеби и пошироко.  

Фетаи нагласи дека, според него, е неприфатливо луѓе од политиката директно да заминуваат во правосудството, па затоа најави дека ќе предложи т.н. периодот „нa разладување“ помеѓу преминувањето од политичка на функција во судството или јавното обвинителство. 

Во однос на проширувањето на Унијата, Фетаи нагласи дека пред 20-тина години имавме случај кога „ЕУ се преправаше дека го интегрира“ Западниот Балкан, а „регионот се преправаше дека прави нешто“ поврзано со реформите. Но сега, според него, работите се променети и како резултат на руската агресија на Украина, процесот на проширување одново е високо на агендата. 

- Мислам дека сега сите одиме во вистинската насока. Луѓето зборуваат за јасни рокови, ги спомнуваме датумите 2027-28 за интеграција на регионот и ова е, исто така, временска рамка на која работиме сите ние, истакна Фетаи.  

Во прилог на тоа, според него, е и Планот за раст на Западниот Балкан со кој ЕУ ќе обезбеди финансиска поддршка за инвестиции и за спроведување на реформите во регионот, но како што нагласи, не се работи само за пари, туку е потребна и волја да се искористат тие пари за добра цел. 

Тој потенцира дека покрај поддршката од Европската комисија и другите агенции на ЕУ, и земјите од регионот со меѓусебна координација мора да си помагаат на европскиот пат и во спроведувањето на болните реформи. 

- Тоа што сега Западниот Балкан е дел од извештајот за владеење на правото на Европската комисија, исто така, ќе ни даде многу јасни индикации за тоа каде имаме проблеми, ќе можеме да ги именуваме проблемите и се надеваме дека ќе ги надминеме доколку постои јасна политичка волја за тоа во земјите од регионот, заклучи Фетаи. сп/ев/ 

Фото: МИА 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан