• вторник, 24 декември 2024

Ураганот Кирк се движи кон Европа, ќе ги погоди Франција, Белгија, Холандија и Германија

Ураганот Кирк се движи кон Европа, ќе ги погоди Франција, Белгија, Холандија и Германија

Париз, 7 октомври 2024 (МИА) - Во Атлантскиот Океан е забележана интензивна активност на урагани, додека во Јужна Америка потпросечните врнежи неколку месеци доведоа до силна суша.

Ураганот Кирк се движи кон Европа. Во централниот дел на Атлантикот тој достигна статус на четврта категорија, со максимална брзина на ветерот од околу 233 километри на час. Додека Кирк се движи североисточно кон Европа, оставајќи зад себе топли води, се очекува до понеделник да биде намален на ураган од прва категорија.

Во текот на следните неколку дена, ураганот Кирк ќе помине низ процес познат како екстратропска транзиција, што значи дека ќе го изгуби статусот на ураган кога ќе стигне до европските брегови во вторник или среда. Иако постојат одредени несигурности во метеоролошките модели за точниот пат на овој екстратропски циклон, се предвидува дека ќе се движи над северна Европа.

Франција, Белгија, Холандија и северна Германија очекуваат најсилни ветрови и најобилни врнежи. Ако системот се придвижи малку подалеку на север, најјужните делови на Велика Британија исто така би можеле да доживеат обилни врнежи.

Во Јужна Америка, пак, сушата е сериозна криза за многу региони по неколку месеци на потпросечни врнежи. Таа ситуација неодамна предизвика големи шумски пожари во Бразил. Нивото на водата во реката Амазон опаѓа со месеци и го достигна најниското ниво во последните 120 години, особено на пристаништето Манус. Сегашниот водостој е 12,66 метри, додека просечното ниво е 21 метар. Се очекува нивото на водата да продолжи да се намалува во текот на следните неколку недели. паг/

Фото: ЕПА

 

 

 

Остани поврзан