• петок, 08 ноември 2024

УНИЦЕФ: Сè поголем број деца мигранти се обидуваат да го преминат смртоносниот Панамски Теснец

УНИЦЕФ: Сè поголем број деца мигранти се обидуваат да го преминат смртоносниот Панамски Теснец

Панама Сити, 16 мај 2024 (МИА) – Фондот за деца при Обединетите нации (УНИЦЕФ) предупредува дека сè поголем број деца мигранти се обидуваат да го поминат опасниот Панамски Теснец помеѓу Средна и Јужна Америка кој е составен од планини и мочуришта, а и нема распоредено полиција.

УНИЦЕФ вчера во Панама Сити го претстави извештајот, според кој во првите четири месеци од годината над 30.000 малолетни лица тргнале на патување долго околу сто километри северно низ просторот што ја дели Панама од Колумбија. Тоа е за 40 проценти повеќе во споредба со истиот период од 2023 година. Околу 200 деца биле без придружба.

Според УНИЦЕФ, миграцијата на децата низ Панамскиот Теснец годинава повторно ќе биде рекордна, петта година по ред.

- Панамскиот Теснец не е место за деца. Многу деца загинаа на тоа напорно, опасно патување. Оние кои преживеале пристигнуваат болни, гладни, дехидрирани и често повредени. Некои деца дури и се родиле во џунглата, изјави заменик-извршниот директор на УНИЦЕФ, Тед Чајбан.

Мигрантите низ најопасната рута во светот патуваат од три до 15 дена. Мигрантите не се само изложени на опасностите од дивата природа, туку често се жртви на насилство од криминални групи и сексуални напади.

Над половина милион луѓе ја поминаа таа рута минатата година, меѓу кои и 113.000 деца.

Остани поврзан