Уапсен пратеникот кој физички нападна друг пратеник во грчкиот Парламент
- Уапсен е независниот пратеник Константинос Флорос, кој претпладнево физички го нападна пратеникот од Грчко решение Василис Граменос пред салата во која се одржува пленарната седница во грчкиот Парламент, а за нападот може да му биде изречена затворска казна до десет години, јави дописничката на МИА од Атина.
Атина, 24 април 2024 (МИА) – Уапсен е независниот пратеник Константинос Флорос, кој претпладнево физички го нападна пратеникот од Грчко решение Василис Граменос пред салата во која се одржува пленарната седница во грчкиот Парламент, а за нападот може да му биде изречена затворска казна до десет години, јави дописничката на МИА од Атина.
Флорос, кој на изборите во јуни минатата година беше избран со малата радикално десничарска партија Спартанци, а неодамна ја напушти и стана независен пратеник, по предизвиканиот инцидент беше уапсен и пренесен во централната дирекција на грчката полиција и се товари за сторено кривично дело насилство врз пратеник при вршење на функцијата.
Според претседателот на Парламентот, Константинос Тасулас, Кривичниот законик предвидува дека оној кој ќе изврши насилство врз пратеник се казнува со затворска казна до десет години.
Како што претходно објави МИА, за време на денешната пленарна седница во Парламентот постоела вербална расправија меѓу двајцата пратеници, по што во ходникот се претворила во физичка кога Флорос со тупаници го нападнал пратеникот Граменос од Грчко решение.
На нападнатиот веднаш му била пружена прва помош од лекарот во Парламентот.
Медиумите во Грција коментираат дека станува збор за инцидент без преседан во Парламентот.
Малата радикално десничарска партија Спартанци се поврзува со поранешниот пратеник од Златна зора, Илиас Касидиарис, кој издржува затворска казна, а Врховниот суд на Грција попладнево ќе ја соопшти одлуката дали партијата ги исполнува критериумите за учество на европските избори во јуни. ср/ми/