• четврток, 30 јануари 2025

Турските власти сменија уште еден прокурдски градоначалник, седми од ланските локални избори

Турските власти сменија уште еден прокурдски градоначалник, седми од ланските локални избори

Анкара, 29 јануари 2025 (МИА) - Властите во Турција разрешија уште еден градоначалник од прокурдската партија ДЕМ во југоисточниот дел на земјата.

Од изборите во март минатата година, неколку прокурдски градоначалници беа сменети од функцијата.

Турското Министерство за внатрешни работи денеска соопшти дека градоначалничката на провинцијата Сиирт, Софија Алагаш, е привремено сменета од функцијата поради обвинувања за тероризам и е заменета со владин функционер.

Алагаш неодамна беше осудена на шест години и три месеци затвор за членство во терористичка организација, се вели во соопштението.

Таа беше избрана за градоначалник на Сиирт на локалните избори во март со околу 50 отсто од гласовите. Партијата ДЕМ освои 78 градоначалнички места, со што го подобри својот резултат во споредба со претходните локални избори во 2019 година.

Владата на Реџеп Тајип Ердоган ги обвинува пратениците на ДЕМ дека се продолжена рака на забранетата Курдистанска работничка партија (ПКК), која е наведена како терористичка организација. ДЕМ го отфрла обвинението. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан