• понеделник, 23 декември 2024

Трет ден амандманска расправа за ребалансот на Буџетот за 2024 година, расправата продолжува во 16 часот

Трет ден амандманска расправа за ребалансот на Буџетот за 2024 година, расправата продолжува во 16 часот

Скопје, 31 јули 2024 (МИА) – Собраниската Комисија за финансирање и буџет денеска на третиот ден од амандманската расправа за ребалансот на Буџетот за 2024 година разгледа и не усвои 10 амандмани, а еден беше повлечен од предлагачите. Расправата продолжува во 16 часот.

Сите 10 амандмани што не беа усвоени беа поднесени од пратениците од Европскиот фронт и со нив се бараа средства за инфраструктурни проекти во општините Липково, Долнени, Сарај, Центар Жупа, Гостивар и Врапчиште.

Во образложенијата за одбивањето на амандманите заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски ги повика општините да аплицираат со проекти во Министерството за транспорт и врски кое преку програмата за проекти за обнова и рехабилитација на локални патишта има обезбедено 107 милиони евра, а и од овој ребаланс на Буџетот за таа намена се обезбедени дополнителни 12,3 милиони евра.

Повлечен беше амандман поднесен од пратеничките од опозицијата Моника Зајкова и Бисера Костадиновска Стојчевска.

Согласно Деловникот, амандманската расправа треба да заврши за шест дена. За ребалансот на Буџетот беа поднесени 58 амандмани, но во текот на расправата дел од нив беа повлечени од предлагачите. Комисијата досега не прифати ниту еден амандман, а вчера и завчера разгледа и одби вкупно 16 амандмани. вј/нд/

Фото: Принтскрин

Остани поврзан