• сабота, 13 декември 2025

Трамп и муслиманските лидери разговараа за прекин на огнот во Појасот Газа

Трамп и муслиманските лидери разговараа за прекин на огнот во Појасот Газа

Њујорк, 24 септември 2025 (МИА) – Претседателот на САД, Доналд Трамп на маргините на сесијата на Генералното собрание на ОН вчера се сретна со лидерите на неколку арапски и исламски држави. Тема на средбата беше завршување на војната во Појасот Газа.

На средбата присуствуваа емирот на Катар, Тамим бин Хамад Ал Тани, кралот на Јордан, Абдула Втори , турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, премиерите на Египет и Пакистан, Мостафа Мадбули и Шехбаз Шариф, претседателот на Индонезија Прабово Субиант, како и министрите за надворешни работи на Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати.

На средбата се разговарало за „одржливо и трајно“ примирје, ослободување на сите заложници и преземање чекори за решавање на влошената хуманитарна криза во Појасот Газа.

Средбата се одржа кога повеќе западни земји ја признаа Државата Палестина.

Трамп средбата ја оцени како „многу добра и успешна“.

Преговорите посредувани од САД, Катар и Египет за постигнување договор за прекин на огнот и ослободување на заложниците помеѓу Израел и палестинското исламистичко движење Хамас се во застој повеќе месеци. ми/

фото: ДПА

Остани поврзан