• понеделник, 23 декември 2024

Тошковски: Доколку има предизвици насочени кон дестабилизација, жестоко ќе одговориме

Тошковски: Доколку има предизвици насочени кон дестабилизација, жестоко ќе одговориме

Скопје, 30 септември 2024 (МИА) – Министерството за внатрешни работи е подготвено да одговори на секакви предизвици во иднина. Предизвици кои што ќе бидат насочени кон дестабилизација на Македонија, доколку ги има како такви во реалноста, жестоко ќе одговориме, изјави министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.

Во изјава за медиуми по отворањето на Регионалниот центар К9 во Полицискиот центар Ѓорче Петров, Тошковски посочи дека службите проследуваат соодветни информации до надлежните.

- Службите во рамки на институционалните форми кои што ги имавме во државата, а се занимаваат со овој тип на надлежност, проследуваа и проследуваат соодветни информации до надлежните раководни органи во рамки на истите. Тие беа споделувани соодветно и со премиерот и со претседателката. Така што, сето она кое што сме го говореле во минатото, од аспект на обиди какви што веќе видовме во овие месец дена, за подгревање на меѓуетнички тензии, дека се реалност, соодветно одговоривме, соодветно ќе одговориме и во иднина. Кога велам соодветно одговараме, велам дека МВР ги има соодветните капацитети за да одговори на начин на кој што ќе биде потребно сè со цел сите граѓани да се чувствуваат безбедно и мирно и во рамки на тој безбеден и мирен систем да ги остварува правата, рече министерот.

Дополни дека МВР во изминатиот период има отворено голем број на истраги.

- Потребно е време за во рамки на една законита процедура, почитувајќи ги сите правила и принципи на законито однесување од страна на секој еден кој што е инволвиран во рамки на овие предистражни, истражни постапки кои што сме ги презеле и ќе ги преземаме во иднина. Но, резултати ќе има. Таму каде што имаме докази, дека е прекршен законот и одредени стандардни оперативни процедури. Таму каде што ќе имаме докази дека душмански е краден македонскиот народ, соодветно ќе одговориме, со кривични пријави и со кривични постапки. Таму каде што ќе немаме докази, ќе си биде исто така соодветно постапено, посочи тој.

Прашан за нападот врз претседателот на Фудбалската Федерација на Македонија, Мухамед Сејдини, што се случил во петокот, одговори дека е постапено и се преземаат дејствија.

- Постапено е од страна на МВР во однос на предметниот случај кој што го споменавте. МВР ги презема сите потребни дејствија. Веднаш е одговорено по добиена пријава за конкретниот настан и се постапува. Сè уште не можам да одговорам на вашето прашање, рече министерот.

Тошковски информираше и дека во рамки на МВР во изминатиот период и во иднина ќе следат голем број на постапки врз основа на кои што ќе треба да се одбере соодветен раководен кадар.

- Како на оние позиции каде што немаме моментално, како и на оние позиции кои што се нераководни, а има потреба од ангажирање на полициски службеници како од самото министерство, така и однадвор. Секое постапување ќе биде транспарентно споделено со јавноста во однос на сите дејствија што ги преземаме. Секој еден во рамки на МВР кој што исполнува соодветни законски услови ќе може да аплицира за предметното место за кое што има интерес и соодветна комисија во рамки на министерството ќе одлучи кој е во игра, кој не е во игра, рече тој. ар/ра/

Фото: МИА

Остани поврзан