Тетовци на собирни пунктови оставаат донации за Турција и Сирија
- На плоштадот во Тетово и во спортската сала во гимнизијата денеска почнаа да функционираат собирните пукнтови каде граѓаните ќе можат да остават помош, што потоа ќе се однесе во подрачјата погодени од земјотрес во Сирија и Турција.
Тетово, 9 февруари 2023 (МИА) - На плоштадот во Тетово и во спортската сала во гимнизијата денеска почнаа да функционираат собирните пукнтови каде граѓаните ќе можат да остават помош, што потоа ќе се однесе во подрачјата погодени од земјотрес во Сирија и Турција.
Градоначалникот на Тетово, Биљал Касами и претседателот на Советот Бесар Дурмиши беа дел од граѓаните кои се решија преку банкарска уплатница да издвојат пари на наменска сметка за донации за тие две земји.
-Ги повикуваме сите граѓани на Тетово да помогнат согласно нивните можности во делот на донирање на материјални средства, производи, кои се потребни за оваа ситуација но и пари и финансиски средства. Ние за таа цел ги направивме сите подготовки и заедно со цивилниот сектор да можеме да им овозможиме на граѓаните на полесен начин да ги даваат нивните донации. Во делот на финансиски средства веќе е отворена донаторска сметка во рамки на Општина Тетово и подготвени вирмани за плаќање со кои граѓаните ќе можат нивните донации да ги реализираат преку банките. Како што бевме првично информирани, во оваа првична ситуација има некои административни проблеми за носење на производите и затоа препорачуваме донирањето да биде во парични средства затоа што тоа побрзо и полесно може да стигне до потребната дестинација. Некои граѓани сакаат да помогнат во делот на справување со рушевините, има подготвеност да се однесе механизација таму, за тоа сме во контакт со амбасадата и со институциите во Турција, изјави Биљал Касами.
На пунктовите ќе има луѓе кои се ангажаирани за прием на донациите од 10 до 18 часот секој ден до 21 февруари.
-Има добар одзив. Потребна е зимска облека, вода, конзервирана храна, ќебиња, медицински лекови. Сета оваа помош ќе се селектира што е облека, што се кондури, па ќе се однесе. Има и можност за парична помош директно во банка преку уплатници. За транспортот ќе се погрижи општината тие се во договор со амбасадата, изјави Ахмед Неби, претставник на здружението Алаџа.
Градоначалникот Касами информираше дека имал првичен контакт со двајцата ученици и наставникот од Тетово кои беа во Турција за време на земјотресот, по што безбедно се вратија дома.
-Ќе ги викнам, да ги видам и од лице место да земам информации во која ситуација се нашле, кои се потребите со кои можеме да им помогнеме ние како општина, рече Касами.
Од општинскиот буџет, Тетово ќе одвои еден милион денари помош за подрачјата погодени од земјотрес во Турција и Сирија. ас/цр