• четврток, 09 јануари 2025

Современи патишта - сигурна и успешна дестинација за иднината на пелагонискиот регион

Современи патишта - сигурна и успешна дестинација за иднината на пелагонискиот регион

Прилеп, 8 јануари 2025 (МИА) - Во 2025 година, преку придобивките од патиштата треба да му се случи „експанзија“ не само на стопанскиот сектор на пелагонискиот регион, туку и на социјалниот и на секојдневниот живот проследен со безбедно патување. Во пелагонискиот регион со нетрпение се очекува ветената изградба на експресниот пат Градско-Прилеп, во 2025 година, а потоа и на автопатот Прилеп-Битола, што треба да биде готов во 2027 година. Регионот ќе го добие поврзување со другите региони во земјава и преку граничниот премин Меџитлија (кај Битола), излез во Грција и на Егејското море. Широчина на современото живеење што само инфраструктурата може да ја понуди.

Ветено е завршувањето на експресниот пат Градско-Прилеп. Се работеше во етапи, се стигнува до конкретни показатели: во 2025 година експресниот пат ќе биде готов.

Директорот на правен сектор во прилепската прехранбена индустрија, Орде Ѓорѓиоски, има своја детална анализа за значењето за стопанството, не само на експресниот пат, туку и на автопатот Прилеп-Битола. 

- Во последниот Извештај на Европската комисија за напредокот на земјава во 2022 година, во поглед на транспортот (поглавје 14) е нотирано: „Големите јазови во транспортната и на енергетската инфраструктура, ниските инвестиции и трошоците за иновации го кочат потенцијалот за раст на земјата“. Ние како држава долги години паѓаме на овој испит и тоа постојано го нотира ЕУ во годишните извештаи, посочувајќи дека постои само делумна усогласеност во поглед на транспортот, смета Ѓорѓиоски.

При увидот на работите на автопатот Прилеп-Битола, на 2 ноември 2024 година, вицепремиерот и министер за транспорт и врски Александар Николовски увери дека експресниот пат Градско-Прилеп ќе биде готов во 2025 година. Ги најави и бенефитите од автопатот Прилеп-Битола, што го гради „Бехтел и Енка“ за да биде готов во втората половина на 2027 година.

- Експресниот пат од Градско до Прилеп кој се гради во три сексци, и тоа, од Градско до Дреново ќе биде готов до Нова Година, од Дреново до Фариш во март следната година (2025) и во текот на следната година (2025) и од Фариш до Прилеп. Кога ќе се заврши и овој автопат (Прилеп-Битола) од околу четириесет километри, очекувам за три до три и пол години од денеска, од Скопје до Прилеп да се патува во едно пријатно патување од еден час и десетина минути, а до Битола еден час и триесет минути, што целосно ќе ја промени реалноста во регионот, во делот на економијата, во делот на комуникацијата и во делот на напредокот, рече Николовски при увидот на работите на автопатот Прилеп-Битола на 2 ноември 2024 година.

Бизнис-секторот во прилепскиот регион со децении чека добра инфраструктура, а експресниот пат Градско-Прилеп, тоа треба да го понуди. 

- Патот Прилеп-Градско е од клучно значење за Пелагонискиот регион. Тој коридор 10 Д е единствениот коридор  кој уште пред 30 години беше дел од пан-евроспките коридори. Со финализирањето на автопатот Прилеп- Битола, овој пат дополнително ќе направи поврзување на северниот дел на државата и ќе го олесни пристапот до пристаништето во Игуменица, Р. Грција. Вака поставените услови за работа на економските оператори во Пелагонискиот регион ќе им овозможи побрз проток на стоки и услуги и пристап покрај до централна Европа, така и до Егејското и Јонското Море, вели Никола Мариноски, претседател на прилепската регионална стопанска комора. Членки на комората се 70 стопански субјекти, а уште толку егзистираат во регионот кои се значаен фактор во стопанството.

Изградбата на автопатот, според изјавите на оваа и претходната влада, дополнително ќе го зголеми и бруто домашниот производ за 2 проценти.

 -Количествата слеани финаниски средства во Пелагонискиот регион ќе ја поттикне и ќе ја зајакне и локалната економија. Да се надеваме дека тоа ќе резултира со отворање нови работни места, како и подобрување на платите на постојните работни места, смета Мариноски.

Во анализата на Орде Ѓорѓиоски од прилепската прехранбена индустрија, се заклучува дека просечниот годишен дневен сообраќај (ПГДС) на постојниот пат Прилеп - Битола во 2017 година изнесувал 4.884 возила. Колку за споредба, фреквенцијата на возилата на патот Росоман - Дреново - Прилеп тогаш бил 4.677 возила дневно, а токму на оваа релација во моментов се инвестира во проектот Градско - Прилеп, но не во автопат, туку во експресен пат.

На регионалниот пат Дреново-Прилеп преку Плетвар во 2019 година имало просечна фреквенција од 4.994 возила дневно. Денес, дневно оттука поминуваат над 6.000 возила (2023), што е правопропорционално со порастот на бројот на регистрирани возила во државава од најмалку 10 проценти во период од пет години. Според некои пресметки, фреквенцијата на сообраќајот расте за 6 проценти на годишно ниво. Дополнително, статистиките со сообраќајните несреќи во Регионот се поразителни и се уште еден аргумент во прилог на изградбата на автопатот Прилеп-Битола. Така, на подрачјето на СВР Битола, во просек, по 20 лица годишно ги губат животите во сообраќајни несреќи (а период од 2010 до 2019, а во просек 358 лица биле повредени во несреќи.

- Со новото автопатско решение, дистанцата помеѓу Прилеп и Скопје ќе се намали за 29 километри, што значи дека, прилепчани ќе патуваат околу 100 километри до главниот град по автопат или околу 1 час, додека битолчани ќе патуваат од 1,20  или 1,30 часа. Новата делница која треба да се изгради треба да биде околу 69 километри. Со таквото решение, не само што ќе обезбедиме поврзување на Прилеп и Битола со главниот град и остатокот на земјата, туку ќе обезбедиме и поврзување на Ресен, Крушево, Демир Хисар, па дури и Охрид. Вредноста на автопатското решение е проценета на 500-600 милиони евра (8,7 мил. / километар, пресметано на 600 милиони евра). Веројатно е дека оваа цена треба да остане приближно иста, анализира Ѓорѓиоски.

Позитивните ефекти од изведбата на ваквото автопатско решение (Прилеп-Битола) може да се согледаат од социјален и економски аспект. Од социјален аспект, се постигнуваат намалена миграција на населението и можност за нови вработувања. Од економски аспект, позитивните ефекти со анализите се бараат во: зголемување на вредноста на земјиштата, развој на нов вид стопански дејности како сервиси, трговија, угостителство, туризам, производите од локалните производители побргу ќе стигнуваат до потрошувачите и ќе се подигне стандардот на населението.

-Покрај економските и другите бенефити со намалувањето на времето на патување, ќе се намалат и сообраќајните несреќи, же се зголеми сигурноста во патувањето. А сето заедно се немерливи придобивки, смета Ѓорѓиески.

Со коридорот 10 Д, буквално, секоја дејност ќе има одреден бенефит. Пелагонискиот регион е земјоделски и сточарски крај. Експресниот пат Градско -Прилеп и автопатот Прилеп-Битола се многу значајни и за овие дејности.

-Земјоделските и сточарските производи кои претежно се со пократок рок на траење ќе може побрзо да стигнуваат на посакуваните дестинации. Намалувањето на трошоците за пласман на нашите производи, има можност да ги направи поконкурентни отколку производите од соседството. Дополнително, и набавката на репроматеријали за индустриското производство би можела да се намали во некој дел од трошоците, што значи и тука би имало одреден бенефит, заклучува Никола Мариноски, претседател на Регионалната стопанска комора од Прилеп.

Патиштата отсекогаш биле од огромно значење за развојот на економијата и стопанството. Овие, експресниот пат Градско-Прилеп и автопатот Прилеп-Битола ќе му го понудат стопанскиот, социјалниот и современиот живот на Пелагонискиот регион кој, според доходот, е втор по Скопскиот регион. 

Елизабета Митреска

Фото: МИА

 

Остани поврзан