• сабота, 23 ноември 2024

Телефонски разговор Мицкоски-Палмер: Потребна е конструктивна опозиција за надминување на предизвиците со кои се соочува земјава

Телефонски разговор Мицкоски-Палмер: Потребна е конструктивна опозиција за надминување на предизвиците со кои се соочува земјава
Скопје, 26 март 2021 (МИА) - Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски оствари телефонски разговор со заменик помошник државниот секретар на САД за Европа и Евроазија Метју Палмер, при што се разговарало за актуелните политички и општествени случувања во земјава, како и исполнувањето на стратешките приоритети. -Во разговорот беше потврдено стратешкото пријателство со САД, и посветеноста во исполнување на агендата поврзана со НАТО Алијансата и исполнување на потребните демократски вредности. Од страна на претседателот Мицкоски беше истакната потребата за почитување на принципите за владеење на правото и правната држава, како и неопходноста од реформи кои ќе значат одлучна борба против криминалот и корупцијата, се наведува во партиското соопштение. Воедно, се додава, била истакната потребата од дијалог на највисоко ниво за клучните прашања важни за граѓаните и заедничкиот напредок. -Во разговорот од страна на Мицкоски беше посочено дека потребни се квалитетни решенија за престојниот попис на населението, како и конечен договор со источниот сосед, кој нема да опфати било какви национални и идентитетски отстапки, а нашиот источен сосед ќе подржи одржување на меѓувладина конференција, без дополнителни условувања, а билатералните прашања да се решаваат надвор од процесот на интеграција на Македонија во ЕУ. Амбасадата на САД во земјава на својата Фејбук страница објави дека заменик помошникот државен секретар Палмер разговарал со Мицкоски. -Заменик помошникот државен секретар Метју Палмер разговараше со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска за да ја истакне важноста што САД му ја придаваат на најновиот НАТО сојузник којшто има стабилни институции кои демонстрираат евроатлантски вредности, а особено потребата од конструктивна и ангажирана опозиција, се наведува во објавата на Амбасадата на САД. Палмер, како што објави Амбасадата на САД, го охрабрил Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ да соработуваат со останатите со цел да се надминат предизвиците со коишто се соочува земјата, вклучително и решавањето на разликите со Бугарија, како и обезбедување успех на пописот на населението, што е важна статистичка алатка за подобрување на управувањето. оџ/нд/

Остани поврзан