• сабота, 23 ноември 2024

Тајани: Италија ќе продолжи со финансирањето на Агенцијата на ОН за помош на палестинските бегалци

Тајани: Италија ќе продолжи со финансирањето на Агенцијата на ОН за помош на палестинските бегалци

Рим, 25 мај 2024 (МИА) - Италија ќе продолжи со финансирањето на Агенцијата на Обединетите нации за помош на палестинските бегалци (УНРВА) како дел од пакетот помош од 35 милиони евра, изјави денеска италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани.

Тајани ја презеде оваа обврска за време на средбата во Рим со палестинскиот премиер Мохамед Мустафа.

Италијанскиот министер за надворешни работи рече дека 5 милиони евра ќе одат за проекти на УНРВА, а остатокот ќе бидат наменети за иницијативата „Храна за Газа“.

Италија беше една од земјите кои привремено го суспендираа финансирањето на Агенцијата на Обединетите нации по израелските обвинувања дека дел од нејзиниот персонал бил вмешан во нападот на палестинското исламистичко движење Хамас врз Израел на 7 октомври, што беше причина за почеток на војната во Појасот Газа.

„Италија одлучи да продолжи со финансирањето на конкретни проекти наменети за помош на палестинските бегалци, но само според строги проверки кои ќе гарантираат дека ниту еден цент нема да се користи за поддршка на тероризмот“, рече Тајани.

Агенцијата на Обединетите нации за помош и работа за палестинските бегалци во Појасот Газа вработува 13.000 луѓе кои раководат со училишта, клиники за прва помош и обезбедуваат други социјални услуги во енклавата, вклучително и дистрибуција на хуманитарна помош. паг/

Фото: МИА архива

 

 

Остани поврзан