Таравари: Со пакет мерки да ги решиме грбот, химната и другите заостанати прашања
- Подготвени сме да разговараме за се, за пакет мерки со кои ќе ги решиме сите заостанати прашања од минатото, рече денеска министерот за здравство, од Коалицијата ВРЕДИ, Арбен Таравари, одговарајќи на новинарско прашање во врска со промената на државниот грб.

Скопје, 14 февруари 2025 (МИА) - Подготвени сме да разговараме за се, за пакет мерки со кои ќе ги решиме сите заостанати прашања од минатото, рече денеска министерот за здравство од Коалицијата ВРЕДИ, Арбен Таравари, одговарајќи на новинарско прашање во врска со промената на државниот грб.
Како што изјави Таравари, Македонија е една од ретките постсоцијалистички држави чиј грб не е сменет.
-ВРЕДИ е подготвена да разговара за се. За жал, во минатиот период повеќе, така да речам, осетливи теми се ставаа под тепих и некако се сокриваа, не сакавме да се соочиме. Ние сме подготвени да разговараме за пакет мерки кои се нерешени во изминатите 20 - 30 години и во пакет да ги решиме, зошто тука да не бидат и грбот и химната и 20 отсто и други етнички прашања ако има и веќе да се фокусираме на економијата, евроинтеграцијата, антикорупцијата,... Тоа ги интересира граѓаните, подобри плати, подобар живот,..., истакна Таравари.
На прашањето што треба да стои на грбот, Таравари одговори дека во ВРЕДИ се уште не ја отвориле оваа тема.
-Подготвени сме и мислам дека би било убаво да ги отвориме сите теми и да најдеме решение, а не да ги оставиме и да видиме дали понатаму ќе ги решиме, повтори Таравари. мч/аа/
Фото/видео: МИА