Таравари во Братислава потпиша меморандум за помодерна дигитална здравствена инфраструктура
- Во важен чекор кон модернизацијата на здравствениот систем, министерот за здравство Арбен Таравари потпиша меморандум за соработка со Министерството за здравство на Република Словачка. Се стави акцент на електронското здравство и телемедицината - две клучни области за иднината на здравствените услуги, информираат попладнево од кабинетот на Таравари.

Скопје, 13 март 2025 (МИА) - Во важен чекор кон модернизацијата на здравствениот систем, министерот за здравство Арбен Таравари потпиша меморандум за соработка со Министерството за здравство на Република Словачка. Се стави акцент на електронското здравство и телемедицината - две клучни области за иднината на здравствените услуги, информираат попладнево од кабинетот на Таравари.
- Во Братислава, министрите Арбен Таравари и Камил Шашко го потпишаа договорот со што се зајакнува билатералната соработка во медицинските иновации, размената на експертиза и обуката на здравствените работници. Овој меморандум има за цел да ја модернизира дигиталната здравствена инфраструктура, да ги олесни медицинските консултации од далечина и да го подобри пристапот на пациентите до медицинските услуги, се појаснува во соопштението.
Во писмената изјава на Таравари се наведува дека ова е голем чекор кон попристапен и поефикасен здравствен систем.
- Партнерството со Словачка ќе ни помогне да имаме корист од нивното искуство и напредната технологија во е-здравството и телемедицината, истакнал министерот по церемонијата на потпишување на договорот.
Како што се додава во соопштението, оваа соработка ги отвора вратите за конкретни проекти што ќе донесат иновативни технологии во здравјето, подобрување на грижата за пациентите и подготовка на здравствените работници за предизвиците на дигиталната ера. бд/дма/
Фото: Кабинет на министерот Арбен Таравари