• среда, 12 март 2025

Судскиот совет ја одржа 518. редовна седница

Судскиот совет ја одржа 518. редовна седница

Скопје, 11 март 2025 (МИА) – Судскиот совет денеска ја одржа 518-та седница на која ги уважи поднесените изјави од судии за продолжување на судиската функција согласно Законот за изменување и дополнување на Законот за работни односи. 

Советот донесе одлука за продолжување на судиските функции на 13 судии и тоа на Јелица Крстевска, судијка на Врховен суд, Лулзим Салиу, судија на Управен суд, Марта Телегравчиска, судијка на Управен суд, Агим Мислими од Апелационен суд Скопје, Весна Костова Спасеска, судијка на Основен кривичен суд Скопје, Соња Кочовска од Основен граѓански суд Скопје, Назиф Илијази и Јордан Велковски од Основен суд Тетово, Мирјанка Гоцевска Стефановска од Апелационен суд Штип, Ацо Тасев од Основен суд Штип, Верка Петковска од Основен кривичен суд Скопје, Весна Петровска – Тагасовска од Основен кривичен суд Скопје и Елизабета Дуковска, судијка на Апелационен суд Скопје.

На седницата, Советот расправаше по девет точки на дневниот ред каде беа разгледани и усвоени извештаите за работата на судовите ширум земјава за четвртото тромесечие од минатата година, односно за месеците октомври, ноември и декември од 2024 година, го усвои Предлог правилникот за измена и дополнување на Правилникот за систематизација на работни места во Судскиот совет, како и констатираше престанок на в.д. генерален секретар на Советот, на чие место беше избрана Јулијана Георгиевска, државен советник во Судскиот совет.

Беше формирана работна група за констатирање на состојба во предмет во Апелационен суд Скопје во состав од Антоанета Димовска, претседателка на работната група и Ханиф Зендели и Данка Ристова, како членови на работната група.

По расправата, по однос на потребата од објавување оглас за избор на судии во основните судови во земјава, донесе Одлука за објавување на оглас за избор на судии во 16 основни судови ширум земјава, и тоа еден судија на Основен суд Берово, двајца судии на Основен суд Велес, еден на Основен суд Виница, седум судии на Основен граѓански суд Скопје, девет судии на Основен кривичен суд Скопје, еден судија на Основен суд Делчево, еден судија на Основен суд Кавадарци, двајца судиии на Основен суд Кичево, двајца на Основен суд Кочани, еден на Основен суд Кратово, еден на Основен суд Крива Паланка, еден судија на Основен суд Неготино, еден на Основен суд Радовиш, еден на Основен суд Струмица, двајца на Основен суд Струга и двајца судии на Основен суд Штип. 

Советот формираше Комисија за рангирање на кандидати од Академијата за судии и јавни обвинители по оглас за избор на судии во основните судови во земјава, во состав од Аритон Ала, претседател на Комисијата и членовите Данка Ристова, Џенета Бектовиќ, Миљазим Мустафа и Селим Адеми. 

Одлучуваше по известување за утврдена фактичка состојба по поднесено барање за утврдување на одговорност на судија и донесе одлука за продолжување на постапката, воедно донесе и одлука за измена на одлука со која е формирана Комисија на известители.

Расправаше по два Извештаи за констатирана состојба по поднесени барања за утврдување на одговорност на претседател на суд и донесе две одлуки за запирање на постапката, како и формираше комисии на известители по поднесени барања за утврдување на одговорност на претседател на суд. ра/аа

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан