Истрагата за осомничениот за убиства од Малотино, Старо Нагоричане во тек, обвинителството собира докази
- Основното јавно обвинителство Куманово продолжува со истрагата против 25-годишниот жител на селото Малотино, општина Старо Нагоричане, осомничен за две убиства. Од обвинителството информираат дека во тек е прибирање на докази и се чекаат резултатите од наредените ексхумации, обдукции и психијатриско вештачење.
Куманово, 1 април 2026 (МИА) - Основното јавно обвинителство Куманово продолжува со истрагата против 25-годишниот жител на селото Малотино, општина Старо Нагоричане, осомничен за две убиства. Од обвинителството информираат дека во тек е прибирање на докази и се чекаат резултатите од наредените ексхумации, обдукции и психијатриско вештачење.
Како што изјави обвинителот Љубомир Лапе, издадени се и наредби за утврдување на локации преку базни станици на телефони, како и други видови вештачења кои треба да помогнат во расчистување на случајот.

-Во моментов Јавното обвинителство и понатаму постапува во насока на откривање и докажување на кривичните дела. Се чекаат резултати како од наредените ексхумации, обдукции така и од нареденото психијатриско вештачење, но и други друг вид докази коишто се во однос на издадени наредби за локација на базни станици на телефони. Исто така има и други наредби за вештачење и сметаме дека кога ќе ги прибавиме сите докази по издадените наредби ќе бидеме во можност да имаме појасна слика, досега што е расчистено и доколку оцениме дека има потреба да се расчистуваат уште некои настани-изјави обвинителот Лапе.

Во однос на евентуални пропусти кај институциите, Обвинителството соопшти дека се спроведуваат проверки и се испратени барања до повеќе државни органи.
-Ги истражуваме сите можни евентуални пропусти коишто настанале во работењето на сите овие лица коишто ги наведовте. Поднесени се голем број барања до голем број државни органи. Дел од барањата се пристигнати, меѓутоа чекаме да добиеме одговор на сите барања за да може да ја комплетираме во целост сликата. Во делот на Министерството за внатрешни работи, надлежно обвинителство-Јавното обвинителство за организиран криминал така што Јавното обвинителство Куманово прави само основни, базични проверки во смисла кој бил на лице место и.т.н. а, не постапува во насока на утврдување можна или одговорност или пропуст. Ние колку што имаме сознанија во тој дел постапува внатрешна контрола-рече обвинителот.
Паралелно, формиран е и посебен предмет за утврдување евентуална одговорност кај медицински лица, при што се прибираат релевантни докази и информации.
Засега Обвинителството има докази за две убиства, а на нивно барање беше извршена уште една ексхумација на 3 март годинава. Осомничениот е сместен во казнено-поправната установа Куманово (К’шање). ам/дма/
Фото: МИА