• понеделник, 23 декември 2024

Стотина кандидати се откажуваат од вториот круг на француските избори за да се спротивстават на крајната десница

Стотина кандидати се откажуваат од вториот круг на француските избори за да се спротивстават на крајната десница

Париз, 1 јули 2024 (МИА) - Околу стотина кандидати од левицата и од парламентарното мнозинство околу францускиот претседател Емануел Макрон се откажуваат од учество во вториот круг на парламентарните избори.

Во 306 изборни окрузи од вкупно 577 низ целата земја има по тројца кандидати кои одат во вториот круг. Во пет окрузи има дури и по четворица кандидати. Од овие 311 окрузи, каде што за вториот круг има повеќе од двајца кандидати, во 161 округ водат кандидати на „Националниот собир“ или нивните сојузници.

Меѓу оние кои се откажале од учество во вториот круг се претежно претставници на левиот „Нов народен фронт“. Така, на пример, во Нормандија лев кандидат се откажа во корист на поранешната премиерка на Макрон, Елизабет Борн. Во некои случаи се откажуваат и кандидати од претседателската коалиција.

Целта е да се поддржи кандидатот кој ќе се спротивстави на кандидатот на „Националниот собир“ во соодветниот округ во вториот круг од вонредните парламентарни избори.

Иако теоретски изборите можат да се одржат во само еден круг, за избор на нов пратеник секогаш се потребни два круга. Правилата на првиот круг се релативно едноставни. Победник е кандидатот кој ќе освои повеќе од 50 отсто од гласовите под услов да гласале најмалку 25 проценти од регистрираните гласачи во таа изборна единица.

Бидејќи е тешко да се постигне апсолутно мнозинство, мора да се оди во втор круг. За разлика од другите демократски држави каде во втор круг одат двајцата кандидати со најмногу освоени гласови, во апсолутно мнозинскиот систем во втор круг одат сите кои освоиле повеќе од 12,5 отсто од гласовите во првиот круг.

Со оглед на бројноста на партиите и расцепканоста на изборниот корпус, во изборниот закон постои дури и одредба - ако ниту еден од кандидатите не успее да го премине прагот од 12,5 отсто, во втор круг одат двајцата кандидати со најмногу освоени гласови во првиот круг. Теоретски, во вториот круг може да влезат дури осум кандидати, но во пракса најчесто влегуваат тројца или четворица.

Како не би се одело во трет круг, во вториот победува кандидатот кој ќе добие најмногу гласови - релативно мнозинство. Со тоа, вториот круг е сличен на британските парламентарни избори, но Британците сè решаваат во еден круг.

Фактот дека победува кандидатот со релативно мнозинство отвора многу можности за принципиелни и непринципиелни коалиции. Сродните политички партии се принудени да склопат коалиција пред вториот круг и да истакнат заеднички кандидат за да не победи спротивната политичка опција. Така, апсолутно мнозинскиот изборен систем пред вториот круг го намалува бројот на кандидати за завршното гласање.

Изборниот закон предвидува дека кандидатите можат да се повлечат од изборите до вториот круг, што потоа значително ќе се смени односот на силите. До утре до 18 часот треба да се пријават оние кои ќе учествуваат на вториот круг од изборите. Најчесто се повлекува кандидатот со помал процент на гласови, но нема правила. ссм/

фото: ЕПА

Остани поврзан