• вторник, 24 декември 2024

Столтенберг: Усогласен е планот за координација на безбедносната помош и обука на Украина 

Столтенберг: Усогласен е планот за координација на безбедносната помош и обука на Украина 

Брисел, 14 јуни 2024 (МИА) – Земјите членки на НАТО го усогласија планот за координација на безбедносната помош и обука на украинските безбедносни сили, што треба да биде одобрен на Самитот на Алијансата следниот месец во Вашингтон, соопшти генералниот секретар на Пактот, Јенс Столтенберг по завршувањето на дводневната средба на министрите за одбрана на земјите сојузнички. 

Согласно планот, според Столтенберг, поддршката на НАТО за Украина ќе биде ставена на поцврста основа во наредните години и ќе се координира од команда лоцирана во американската база во германскиот град Визбаден и преку логистички центри во источниот дел на Алијансата, за што ќе бидат ангажирани речиси 700 лица од членките на Пактот и од партнерските земји. Со командата ќе раководи генерал-полковник, кој ќе биде директно потчинет на врховниот командант на силите на НАТО во Европа. 

- НАТО ќе ја надгледува обуката на украинските вооружени сили во капацитетите за обука во сојузничките земји, ќе ја поддржува Украина преку планирање и координација на донации, управување со трансферите и ремонт на опремата, со што се дава поддршка за долгорочниот развој на вооружените сили на Украина, нагласи Столтенберг. 

Тој потенцира дека оваа активност нема да го направи НАТО една од страните во конфликтот, туку само ќе ја зајакне поддршката за Украина во нејзиното право на самоодбрана. 

- Безбедносната помош и поддршка на НАТО за Украина ќе биде клучен резултат на Самитот, заедно со долгорочните финансиски исплати и понатамошните чекори на патот на Украина кон членство во НАТО, додаде Столтенберг. 

Тој соопшти и дека на овој последен нивни собир пред Самитот во Вашингтон, министрите за одбрана се осврнале и на „тековната кампања на непријателски активности што Русија ги спроведува против сојузниците“. 

- Во последните недели видовме наплив на саботажи, кибер напади, инструментализирана миграција и други непријателски активности од страна на Русија. Ќе бидеме мирни и одмерени во одговорот на руските провокации. Во исто време, ќе ги спречиме акциите на Русија и ќе нанесеме штета, истакна Столтенберг. 

Тој информира дека министрите договориле повеќе опции за одговор, кои ќе се применуваат поединечно и колективно и кои вклучуваат зголемен обем на размена на разузнавачки информации, зајакната заштита на критичната инфраструктура, вклучително и на подводниот и кибер просторот, како и дополнителни ограничувања за руските разузнавачки оперативци. 

- Руската кампања нема да не одврати од поддршката на Украина и ние ќе продолжиме да ги штитиме нашите територии и население од непријателски активности, потенцира генералниот секретар на НАТО. 

На средбата станало збор и за реализацијата на плановите за одвраќање и одбрана договорени на ланскиот Самит во Вилнус. 

- Нашите воени планери ги преточуваат тие планови во конкретни барања, идентификувајќи ги силите и капацитетите потребни за да не бранат. Сојузниците и нудат сили на командата на НАТО во обем каков што не е виден со децении. Денес имаме 500.000 војници во висока готовност во сите домени, значително повеќе од целта што беше поставена на самитот во Мадрид во 2022 година, истакна Столтенберг. 

Според него, удвоен е и бројот на борбени групи на источното крило на НАТО, а се спроведуваат и поголеми и понапорни вежби за тестирање способностите на силите на Алијансата, како што беа маневрите „Непоколеблив бранител“ во кои беа вклучи околу 90.000 војници. 

- Растечките закани со кои се соочуваме бараат значително зголемени барања за способност од сојузниците во области како што се оружјето и муницијата, противвоздушната и ракетната одбрана, логистиката и оружјето со голем дострел, изјави Столтенберг, најавувајќи дека во следните пет години, европските сојузници и Канада планираат да набават илјадници системи за противвоздушна одбрана и артилерија, 850 модерни авиони, главно Ф-35 од петтата генерација и друго оружје со врвни карактеристики. 

Според него, во исто време ќе продолжат инвестициите во иновации, вклучително и над милијарда долари во Фондот за иновации на НАТО, а на Самитот во Вашингтон се очекува да бидат договорени нови воени набавки со што ќе се испрати сигнал за одржлива побарувачка до одбранбената индустрија. 

- Ова ќе ни овозможи да го зголемиме производството и да развиеме одбранбено-индустриска база адекватна на потребите, додаде Столтенберг. 

Тој информира дека на министерската средба станало збор и за тековното прилагодување на нуклеарни капацитети на НАТО. 

- Ние сме нуклеарна алијанса посветена на тоа да бидеме одговорни и транспарентни, но и јасни во нашата решеност да го зачуваме мирот, да спречиме принуда и да ја одвратиме агресијата. Со напредокот постигнат на овој министерски состанок, ние сме подготвени да продолжиме на нашиот Самит во Вашингтон кој ќе биде важен самит за Алијансата, заклучи Столтенберг на прес-конференцијата по дводневниот состанок на министрите за одбрана на членките на НАТО, на кој земјава ја претставуваше заменик министерот за одбрана Тирон Јајага. сп/

Фото: МИА Архива

 

Остани поврзан