• вторник, 24 декември 2024

Столтенберг: Дозволата за користење на нивните ракети за украински напади врз Русија е индивидуална одлука на секоја членка на НАТО

Столтенберг: Дозволата за користење на нивните ракети за украински напади врз Русија е индивидуална одлука на секоја членка на НАТО

Брисел, 17 септември 2024 (МИА) - Евентуалните одлуки на некои членки на НАТО да дозволат употреба на ракетите со голем дострел што и ги донирале на Украина за напади на руска територија носат ризици, но во услови на војна не постои опција без ризик, оцени генералниот секретар на Алијансата во заминување Јенс Столтенберг во коментар на изјавата на рускиот претседател Владимир Путин дека со ваквите одлуки „Западот директно ќе се бори против Русија“. 

- Но, јас и натаму верувам дека најголемиот ризик за нас, за Обединетото Кралство и за НАТО, ќе биде доколку претседателот Путин победи во Украина, изјави Столтенберг за лондонското радио Ел-Би-Си. 

Тој нагласи дека останува на секоја земја членка на НАТО да донесе индивидуална одлука дали ќе и дозволи на Украина да ги користи проектилите што и ги донирала за напади врз цели на руската територија.  

- Ги поздравувам овие одлуки, но секој од сојузниците треба да донесе индивидуална одлука. Сепак, сојузниците имаат различни политики за ова прашање, додаде Столтенберг. 

Украинскиот претседател Володимир Зеленски со месеци бара од западните земји да и дозволат на неговата држава да ги користи проектилите што и ги донирале, вклучително и американските АТАВМС со голем дострел и британските „Сторм шадоус“, за ракетирање на цели на теритроијата на Русија, со што би се ограничиле потенцијалите на руските сили за напади врз Украина. 

Прашањето за давање дозвола на Украина за користење на нивните ракети со голем дострел врз цели во Русија било и меѓу темите на разговор на средбата меѓу американскиот претседател Џо Бајден и британскиот премиер Кир Стармер во петокот во Вашингтон. 

Иако засега не е објавена никаква одлука, според дипломатски извори, Стармер наводно бил за давање на такво одобрение на Украина, додека Бајден оценил дека оваа одлука го покренува прашањето дали таа може да доведе до директна војна меѓу НАТО и Русија. 

Дополнително, американски официјални претставници се скептични дека давањето дозвола на Украина за употреба на овие ракети ќе направи позначајна разлика во справувањето со руските напади. сп/ 

Фото: МИА Архива 

Остани поврзан