• вторник, 24 декември 2024

Столевска од МОФ: Младите кои имаат некаков вид попреченост, не уживаат подеднаков пристап до образование како нивните врсници

Столевска од МОФ: Младите кои имаат некаков вид попреченост, не уживаат подеднаков пристап до образование како нивните врсници

Скопје, 7 јуни 2024 (МИА) - Во моментот она што треба најмногу да влијаеме да се промени, тоа е квалитетот на образованието. Најнапред општо за сите млади, а понатаму да размислуваме дека младите од различни групи, од различни географски подрачја имаат различен квалитет на образование. Додека пак младите кои имаат некаков вид попреченост не уживаат подеднаков пристап до образование како нивните врсници. Или, младите во поправните домови, за жал, се уште немаат никаков пристап до образование, изјави денеска Теодора Столевска, извршна директорка на МОФ, одговарајќи на новинарско прашање од МИА. 

Таа подвлече дека една од работите што треба да биде променета, е, дефинитивно, еднаков пристап до квалитетно образование.

-Од друга страна, за жал, се уште не се спроведува, онака како што треба, законот за младинско учество, се уште немаме формирани младински национален совет во државата, локални совети, младински центри. Младите немаат прилика на локално ниво да се вклучат во процеси на носење одлуки. Ако ги прашате младите, зошто заминуваат од државата, велат дека главната причина е подобри услови за работа, додаде таа, осврнувајќи се и на другите причини поради кои заминуваат младите. 

Столевска ја даде изјавата пред Младинската конференција, што се реализира по повод 25 години од основање и работење на Младинскиот образовен форум (МОФ). 

Таа појасни дека организацијата е основана како дебатна и низ годините се развива и се отвараат и други програми. Притоа рече дека младите се најмногу заинтересирани за дебатните клубови на МОФ, во моментов дебатната програма брои 30 дебатни клубови.

- Преку дебатната програма работиме на креирање можности, младите повеќе да учат за дезинформации низ информации, она што го сфативме, е, дека младите, за разлика од постарите генерации, навистина се позапознаени со концептот на дезинформации или лажни вести. Но и покрај фактот дека младите можат многу лесно да препознаат кога некоја слика е фотошопирана или видео што очигледно на некој начин е изменето, од друга страна, младите се уште имаат проблеми да препознаат кој ја поседува одредена медиумска куќа, дали некој текст е автентичен доколку не е потпишан од некој новинар. Од таа причина веруваме дека се уште ќе има потреба од тоа младите да бидат едуцирани токму на оваа тема, истакна Столевска, одговарајќи на прашањето, колку се младите медиумски писмени и колку препознаваат дезинформации. 

Како што информираше организаторот, преку две панел дискусии, за време на настанот се прави рефлексија за достигнувањата на организацијата и се дебатира за иднината на образованието и улогата на младите во нашето општество. Говорници се  панелисти кои биле или во моментов се дел од МОФ. По официјалниот дел следува и вмрежување, а вечерва и роденденска забава. 

Организацијата е активна на национално ниво во 21 град, преку 100 млади се членови на генералното Собрание на МОФ, активни во програмски и проектни активности. Во младинските центри на МОФ има повеќе од две илјади членови годишно, корисници на активностите во програмите, дебата, учиме право, активизам, новинарство и истражување. бд/нд/

Фото: МИА 

Остани поврзан