• понеделник, 16 декември 2024

Стармер и Мицотакис со заедничка волја за дополнителна надградба на билатералните односи

Стармер и Мицотакис со заедничка волја за дополнителна надградба на билатералните односи

Атина, 3 декември 2024 (МИА) – Билатералните односи, миграцијата, регионалните и меѓународни случувања, но и кипарското прашање, биле темите за кои разговарале британскиот и грчкиот премиер Кир Стармер и Кирјакос Мицотакис на нивната денешна средба во Лондон, јави дописничката на МИА од Атина.

Како што информираа од кабинетот на грчкиот премиер, „двајцата лидери ги разгледаа билатералните односи и изразија заемна волја за зајакнување на соработката“, а Мицотакис го истакнал значењето што Грција го придава на грчко-британските односи и нагласил дека „средбата е можност да им се даде нов поттик“.

Дополнително, Мицотакис и Стармер размениле мислења и за регионални и меѓународни прашања со акцент на најновите случувања во Украина, а разговарале и за „координацијата на двете земји“ во пресрет на мандатот на Грција како непостојана членка на Советот за безбедност на ОН во периодот 2025-2026 година, но и за евро-британските односи, „чие затоплување го поддржува Грција, особено во безбедносниот и одбранбениот сектор“.

На почетокот на средбата двајцата премиери изразија волја за надградба на билатерални односи и да разговараат за прашања од заеднички интерес.

-Со нетрпение ја очекуваме соработката со вас во ОН на вашата нова позиција, почнувајќи за неколку седмици од сега. Има голем степен на конвергенција, така што верувам дека можеме за иднината да изградиме многу врз она што веќе го изградивме, истакна Стармер на почетокот на средбата.

Мицотакис посочи дека „поминуваме низ турбулентни времиња“ и затоа сакаат да го надградат „многу силното партнерство“ што две земји го изградија во минатото.

-Сметаме дека Обединетото Кралство е нераскинлив дел од решавањето на главните безбедносни предизвици со кои се соочуваме, не само во Украина, туку и во Југоисточна Европа и Блискиот Исток. Ќе имаме многу да разговараме, нагласи Мицотакис на почетокот на средбата. ср/сд/

Фото: Кабинет на грчкиот премиер

Остани поврзан