Старата стоковна куќа во Радовиш ќе се реконструира и пренамени во Мултифункционален центар и музеј
- Во Радовиш денеска почна реконструкцијата и пренаменувањето на Стоковната куќа во Мултифункционален центар и музеј. Објектот 30 години стоеше запуштен и занемарен, а вкупната сума за реализација на проектот е над 223 милиони денари.

Радовиш, 24 март 2025 (МИА) - Во Радовиш денеска почна реконструкцијата и пренаменувањето на Стоковната куќа во Мултифункционален центар и музеј. Објектот 30 години стоеше запуштен и занемарен, а вкупната сума за реализација на проектот е над 223 милиони денари.
На почетокот на реконструкцијата присутвуваше премиерот Христијан Мицкоски заедно со министрите Зоран Љутков и Златко Перински.
- Како Влада, продолжуваме да градиме, затоа што тоа е нашата инспирација и цел. Македонија мора да се гради. Јас знам дека граѓаните имаат лоши спомени од минатото, чувствуваат гнев. Затоа што наместо да се гради, Македонија се крадеше. Сега имаме поинаква Влада, поинаква амбиција. И со таа посветеност продолжуваме да работиме. Честитки, и нека се множат уште повеќе успешни проекти, истакна во изјавата Мицкоски.
Според градоначалникот на Радовиш, Ацо Ристов, овој објект за радовишани значи многу.
-Таков градежен бум се нема случено во јавниот сектор во Радовиш. Овој проект е од првата фаза за аплицирање на проекти од Владата, а сега во вториот аплицираме со пет. Еден од нив е реновирањето на Центарот за култура и уште четири инфраструктурни проекти, рече Ристов.
Министерот за локална самоуправа Златко Перински, посочи дека старата стоковна куќа била симбол на еден тежок транзициски период за целата држава, а сега со реконструкцијата Општина Радовиш ќе добие еден репрезентативен и прекрасен објект во срцето на градот кој ќе биде на задоволство на сите.
Изградбата на објектот, според министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, значително ќе придонесе и за развој на туризмот, а со реновирањето на овој и објектот на Центарот за култура Радовиш ќе добие значајни културни и репрезентативни објекти.
Владината делегација предводена од премиерот Мицкоски го посети и Центарот за култура во Радовиш каде се запозна со планот за реконструкцијата на овој објект. рт/лв/
Фото: Влада