• сабота, 06 декември 2025

Средба на Сиљановска - Давкова со Советот на амбасадори: Зајакнување на надворешно-политичките капацитети на државата

Средба на Сиљановска - Давкова со Советот на амбасадори: Зајакнување на надворешно-политичките капацитети на државата

Скопје, 30 јули 2025 (МИА) - Претседателката Гордана Сиљановска - Давкова денеска остварила средба со претставници на Советот на амбасадори, на која се разговарало за потенцијалните области за меѓусебна соработка и понудени идеи, предлози и иницијативи, коишто би придонеле за зајакнување на надворешно-политичките капацитети на државата.

Како што соопшти претседателскиот Кабинет, на средбата присуствувале претедателката на Советот на амбасадори Александра Наќева Ружин и амбасадорите Мухамед Халили, Љупчо Арсовски, Иљаз Сабриу, Тихомир Илиевски и Ивица Боцевски.

Тие изразиле подготвеност за соработка и поддршка на институцијата Претседател, преку утврдувањето на надворешно-политичките приоритети, независни и стручни анализи, јавни дебати, совети и консултации за меѓународните прашања. 

-Со цел унапредување на македонската дипломатија, соговорниците ја потенцирале важноста од именување на кариерни амбасадори како прв избор, истакнувајќи го значењето на нивното искуство за соодветно и достоинствено претставување на земјава во светот, стои во соопштението.

Претседателката ги поздравила амбициите на амбасадорите за поттикнување на професионален дијалог за прашања од национален интерес и изразила подготвеност за натамошна комуникација. Укажувајќи дека првата слика за државата е најбитна, Сиљановска-Давкова посочи дека искуството и потенцијалот што го имаат членовите на Советот може да претставува драгоцена помош во носењето на одредени одлуки, додаваат од Кабинетот на Сиљановска - Давкова.

На средбата таа ги реафирмирала заложбите за правична застапеност на жените во дипломатијата и придобивките од формирање на Регионален центар за извонредност за жени, мир и безбедност.

Соговорниците размениле мислења за македонската надворешна политика, односите со соседите, за Преспанскиот договор и членството на државата во меѓународните организации, стои во соопштението. нд/вг/

Фото: Кабинет на Сиљановска Давкова

 

Остани поврзан