Српската Влада е во технички мандат откако премиерот поднесе неотповиклива оставка
- Во меѓувреме претседателот на државата објави на Инстаграм порака: - „Предавањето никогаш не е и никогаш нема да биде опција за Србија. Ќе се бориме и ќе победиме“.
Белград, 28 јануари 2025 (МИА ) - Српскиот премиер Милош Вучевиќ денеска поднесе неотповиклива оставка, 90-на дена по неговиот избор за таа функција. Тоа означува - пад на целата влада во ек на студентски и граѓански протести во таа држава кои речиси три месеци бараат одговорност од властите за несреќата во Нови Сад, кога 15 лица загинаа при пад на бетонска настрешница на железничката станица.
Вучевиќ, кој е и претседател на владејачката Српска напредна партија, на вонредна прес-конференција рече дека поднесува оставка од функцијата шеф на владата поради „објективна одговорност“ за трагедијата во Нови Сад на 1 ноември минатата година, но на истиот време тој тврди дека немирите во Србија биле „злобно смислени“ во странство.
Подоцна оставка „од истите причини“ поднесе и градоначалникот на Нови Сад, Милан Ѓуриќ (СНС).
Српскито претседател Александр Вучиќ денеска најаво ново обраќање до јавноста и негово присуство на седницата на Валдата закажана за вечерва во 20 часот.
Во меѓувреме тој објави на Инстаграм порака: - „Предавањето никогаш не е и никогаш нема да биде опција за Србија. Ќе се бориме и ќе победиме“.
Оставката на Вучевиќ значи и пад на владата, што ќе продолжи со работа во технички мандат. Во образлагањето на оставката тој нагласи дека одлуката за тој потег ја донел утрово, по нападот врз студенти во Нови Сад извршен ноќеска, а за тоа го информирал и претседателот на државата Александар Вучиќ.
Во текот на ноќта, студентка е тешко повредена во напад со бејзбол палки од неколку мажи од седиштето на владејачката Српска напредна партија во Нови Сад.
Вучиќ, според Вучевиќ, ги „прифатил и разбрал“ неговите аргументи дека со оставката сака да ги смири тензиите што доведоа до големи поделби во државата и општеството.
„Сметаме дека сме објективно одговорни за она што се случи во Нови Сад и за тоа доброволно ја плаќаме политичката цена“, рече Вучевиќ и посака неговото повлекување „да доведе до смирување на страстите и враќање на општестевниот дијалог“.
Оставката на Вучевиќ уследи по помалку од 24 часа откако српскиот претседател Александар Вучиќ во понеделникот вечерта објави, во услови на зголемен притисок од јавноста и студентските блокади, „итна и масовна реконструкција“ на српската влада, додавајќи дека очекува „повеќе од 50 проценти министрите да бидат сменети“.
Тој најави и дека ќе ги помилува уапсените на претходните протести.
Вучевиќ, кој е и претседател на владејачката Српска напредна партија, формално го наследи Вучиќ на чело на СНС во мај 2023 година. Тој стана премиер на 30 април 2024 година по општите избори во декември 2023 година, чија регуларност беше доведена во прашање од опозицијата тврдејќи дека се украдени.
Оттогаш и левата и десната опозиција инсистираа на формирање преодна влада што ќе подготви редовни услови за фер и демократски избори.
Политичката и социјалната криза што оттогаш трае во Србија кулминираше со трагедијата во Нови Сад на 1 декември, кога 15 лица загинаа, а две беа тешко повредени при падот на настрешницата на неодамна реновираната железничка станица, што предизвика бран протести барајќи одговорност од владата.
Бранот протести прерасна во студентски бунт и движење откако студентите на Факултетот за драмски уметности во Белград беа нападнати од провокатори и насилници за време на комеморативниот собир на кој секој ден во 11:52 часот на жртвите им се оддава почит со 15-минутно молчење.
Кулминација на последната од низата студентски акции - блокадата на раскрсницата Автокоманда се одржа во понеделникот вечерта, кога им се придружија голем број белграѓани.
Шефот на претставничкиот клуб на СНС во српското Собрание, Миленко Јованов, претходно пред новинарите во парламентот изјави дека „нема да има преодна влада“, без да ја отфрли можноста за нови парламентарни избори. „Претседателот на Србија е тој што го доверува мандатот за состав на новата влада, потоа ќе видиме што ќе следува“, нагласи Јованов. зш/
фото ЕПА