• четврток, 25 јули 2024

Средба на министерот Перински со градоначалниците од Полошкиот плански регион 

Средба на министерот Перински со градоначалниците од Полошкиот плански регион 

Скопје, 24 јули 2024 (МИА) - Министерот за локална самоуправа Златко Перински денеска имал состанок со градоначалниците од Полошкиот плански регион, на кој било констатирано дека општините имаат потреба од финансиска поддршка од Владата за реализација на поголеми капитални проекти.

Како што соопштија од владината прес-служба, и покрај вонредните напори од страна на локалните власти, со дополнителните средства од Владата многу важни прашања за граѓаните ќе бидат решени многу побрзо.

Министерот за локална самоуправа Перински ги информирал градоначалниците дека првите сто милиони евра ќе можат да се реализираат веќе од септември, но важно е, рекол, што финансиската поддршка ќе биде уште поголема и континуирана во наредните години.

- Потребно е да се посветите на изработка на проекти и проектна документација за да се осигура брза и квалитетна изведба на инфраструктурните проекти, нагласил Перински.

Тој истакнал дека постапката на проверка на проектите и на проектната документација ќе ја спроведе Министерството за локална самоуправа, но во следната фаза ќе се врши и редовен надзор над реализацијата на средствата и на квалитетот на изведување на проектите од страна на општините.

На состанокот било истакнато дека јавниот повик ќе биде отворен за сите општини, сите имаат еднакви шанси, се ќе зависи од квалитетот на проектите со кои што општините ќе аплицираат.

- Ќе бидеме најзадоволни доколку има многу и издржани проекти кои ќе ги апсорбираат сите расположливи средства и кои што ќе гарантираат брза реализација и брзо решавање на потребите на граѓаните, рекол министерот Перински.

Општините најавиле дека ќе учествуваат на повикот со апликации за различни капитални инвестиции, како што се изградба на основно и средно училиште во Општина Тетово, реконструкција на булеварот Браќа Ѓиновски и реконструкција на шеталиште во Гостивар и бројни други проекти во другите општини. Овие проекти, стои во соопштението од Владата, по завршувањето на повикот ќе бидат евалуирани од страна на комисија и одобрените ќе почнат да се финансираат. цр/вг/

Фото: Влада на РСМ

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан