Според Лондон. Путин е „морално одговорен“ за нападот со „Новичок“, Велика Британија го санкционира ГРУ
- Рускиот претседател Владимир Путин е „морално одговорен“ за смртта на недолжна британска државјанка, која стана случајна жртва при труењето на рускиот двоен агент Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија во 2018 година со нервнопаралитичната супстанција „Новичок“. Ова го утврди јавната истрага во Велика Британија, претставена денеска.
Лондон, 4 декември 2025 (МИА) – Рускиот претседател Владимир Путин е „морално одговорен“ за смртта на недолжна британска државјанка, која стана случајна жртва при труењето на рускиот двоен агент Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија во 2018 година со нервнопаралитичната супстанција „Новичок“. Ова го утврди јавната истрага во Велика Британија, претставена денеска.
Лорд Хјуз, кој претседаваше со истрагата, изјави дека обидот за атентат врз поранешниот шпион Сергеј Скрипал во Солсбери во март 2018 година морал да биде одобрен од рускиот претседател.
Тој е сигурен дека руските мажи го донеле лажното шише со парфем, кое ја содржело нервнопаралитичната супстанција „Новичок“, што довело до смрт на 44-годишната британска државјанка Дон Стерџис. Тие го оставиле во Солсбери по обидот за атентат врз Скрипал, што шефот на истрагата го нарече „зачудувачки непромислен чин“.
По објавувањето на заклучоците од истрагата, Лондон соопшти дека го санкционира руското воено разузнавање, Главна разузнавачка управа (ГРУ).
Британските власти сметаат дека шишето е фрлено во Солсбери од осомничените агенти на ГРУ кои се претставувале како Александар Петров и Руслан Боширов.
ГРУ беше поврзано и со труењето на бугарскиот трговец со оружје Емилијан Гебрев во 2015 година и со експлозиите во складиштата за оружје во Чешка во 2014 година. Лорд Хјуз изјави дека доказите дека станува збор за руски државен напад се „огромни“, оценувајќи дека станува збор за „јавна демонстрација на руска државна моќ како за меѓународно, така и за внатрешно влијание“, објави британскиот весник „Гардијан“.
Дон Стерџис била случајно погодена од дејството на „Новичок“ во 2018 година, неколку месеци по обидот за труење на Скрипал и неговата ќерка во Солсбери. Жената била отруена со супстанцијата преку шишенце за парфем, кое го нашла случајно.
Во врска со заклучоците од истрагата, британското Министерство за надворешни работи објави дека го повикало на објаснување рускиот амбасадор во Велика Британија, Андреј Келин.
„Извештајот од истрагата го потврди она што британската Влада го сметаше одамна, имено, дека неодговорното користење на невротоксичен агенс од страна на Русија на британска територија ја предизвика смртта на една британска државјанка“, се вели во изјавата на британското МНР.
Министерството побара од Русија да ја запре својата кампања на непријателски активности кон Обединетото Кралство и НАТО.
Санкции се наметнати и на осум претставници на руското воено кибер-разузнавање, како и на тројца офицери на руското воено разузнавање, одговорни за организирање непријателска активност во Украина.
- Нема да ја толерираме оваа дрска и презрена агресија на британска почва“, изјави министерката за надворешни работи Ивет Купер. - Затоа ги разоткриваме и санкционираме оние кои вршат злонамерни дејства за Москва и ги засилуваме напорите за сузбивање на непријателската руска хибридна активност, додаде таа, цитирана од Би-Би-Си. ссм/ми/
фото: архива