• петок, 05 декември 2025

Турција ги повика амбасадорот на Украина и рускиот от­пра­вник на работи поради нападите во Црно Море

Турција ги повика амбасадорот на Украина и рускиот от­пра­вник на работи поради нападите во Црно Море

Анкара, 4 декември 2025 (МИА) - Турција ги повика амбасадорот на Украина и рускиот отправник на работи во турското Министерство за надворешни работи, за да ја изрази својата загриженост поради серијата напади врз бродови поврзани со Русија во турската ексклузивна економска зона во Црно Море, изјави заменик-министерот за надворешни работи на Турција, Бериш Екинџи.

- Сведоци сме на многу сериозна ескалација на тензиите меѓу Русија и Украина во последните недели, која вклучува повеќе меѓусебни напади. На крајот, дојде и до напади во Црно Море и во нашата ексклузивна економска зона, рече денеска Екинџи пред парламентарната комисија за надворешни работи во Меџлисот (Парламентот).

- Вчера и денеска го повикавме привремениот отправник на работи во руската амбасада и амбасадорот на Украина за да ја изразиме нашата загриженост во врска со ситуацијата, додаде тој.

Минатиот петок, два танкери, дел од т.н. руска „флота во сенка“, беа погодени во близина на северниот брег на Турција, а во саботата украинските власти ја презедоа одговорноста за нападот.

Во понеделникот, турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган изјави дека „нападите врз трговски бродови во Црно Море се неприфатливи“ и упати предупредување до „сите вклучени страни“. И покрај ова, во вторникот турските власти соопштија дека танкер со сончогледово масло, кој пловел под руско знаме, сигнализирал дека претрпел напад додека пловел во водите на Црно Море во близина на турскиот град Синоп. ссм/ми/

фото: архива

Остани поврзан