• петок, 22 ноември 2024

Специјално издание на „Лебедовата песна на Заробеничката на ветрот“ - радио елегија за првата македонска поетеса Даница Ручигај

Специјално издание на „Лебедовата песна на Заробеничката на ветрот“ - радио елегија за првата македонска поетеса Даница Ручигај

Скопје, 21 ноември 2024 (МИА) - Деновиве беше објавено специјалното издание на двојното аудио ЦД „Лебедовата песна на Заробеничката на ветрот“ (радио-елегија за првата македонска поетеса Даница Ручигај) на Искра Чоловиќ и Свето Стаменов, поранешни новинари на Македонското радио – Радио Скопје и публицисти. Ова специјално издание кое, всушност, е реиздание на претходното објавено во 2018 година, е посветено на 90-годишнината од раѓањето на првата македонска поетеса и основоположничка на т.н. женско писмо во современата македонска поезија и литература воопшто Даница Ручигај (1934-1963) и на годишнината од ненадејната смрт на Искра Чоловиќ (1960-2023), доајен на македонското радио-спикерство, новинар и публицист.

Радио-елегијата „Лебедовата песна на Заробеничката на ветрот“, која е дел од мега аудио-книжевниот проект „Ако влегуваш во овој храм во кој љубовта е вера, помоли се!“ на Искра Чоловиќ и Свето Стаменов, кој беше емитуван во пет едночасовни емисии на програмата на Македонското радио – Радио Скопје во текот на јули и август 2013 година по повод 50-годишнината од трагичната смрт на Даница Ручигај во скопскиот катастрофален земјотрес на 26 јули 1963 година, има три структурални делови: авторски текст - коментар кон животот на поетесата и нејзиното време на човечко и творечко опстојување, избрани стихови од двете нејзини антологиски стихозбирки „Сребрени ноќни игри“ и „Заробеници на ветрот“ и автентични искажувања на петнаесетина нејзини современици, пријатели и следбеници: м-р Златица Поповиќ Ручигај, Евгенија Шуплинова, Иван Чаповски, Михо Атанасовски, Гордана Михаилова Бошнакоска, Коле Чашуле, Светлана Христова Јоциќ, Звонко Стојановиќ, Људмил Спасов, Кристина Николовска, Васил Тоциновски, Александар Прокопиев и Ирена Павлова де Одорико. Како таква оваа радио-елегија е есенција за најважното, најскапоценото и најсетното од животописот, но и поетопис за најпоетесата меѓу македонските поетеси, раскошната и незаборавна Даница Ручигај, која остави длабоки и неизбришливи траги не само во современата македонска поезија, туку и во македонската култура воопшто.

Уредници на ова специјално аудио издание на „Лебедовата песна на Заробеничката на ветрот“ се проф. д-р Милан Јазбец и м-р Надица Караколева, а аудио-дизајнот е на Бесим Кека, доајен на македонското радио-снимање.са/

Фото: Свето Стаменов     

           

Остани поврзан