• сабота, 23 ноември 2024

Со концерт КУД „Бранко Чајка“-Тетово одбележа 30 години јубилеј

Со концерт КУД „Бранко Чајка“-Тетово одбележа 30 години јубилеј

Тетово, 1 октомври 2023 (МИА) – Културно уметничкото друштво „Бранко Чајка“ од Тетово вчеравечер по повод својот 30 годишен јубилеј одржи концерт и изложба со фотографии. Во големата сала Центар за култура „Иљо Антевски-Смок“ сите секции на друштвото заедно со гостите КУД „Рацин“ од Кичево настапија со вкупно 17 ора.

КУД „Бранко Чајка“ делува во состав на истоименото Здружение на Срби и Македонци од Тетово. Здружението е формирано 1992 година, а веќе од следната, 1993, започнува да работи Културно-уметничкото друштво.

-На почетокот друштвото го носи името „Фолклор“, а од 2006 до денес „Бранко Чајка“. На својот репертоар подеднакво го негува и српскиот и македонскиот фолклор. Со тоа придонесува во подобрувањето на билатералните односи помеѓу двете соседни држави на најдобриот можен начин – преку негување на културата и традицијата, информира Соња Андонов, претседателка на Здружение на Срби и Македонци од Тетово.

Во годините што изминаа КУД „Бранко Чајка“ има настапувано на илјадници настани и активности во градот, регионот, државата и соседна Србија. Во овие три децении голем број тетовци биле дел од друштвото, а пример се повеќе генерации од едно семејство.

-Ме радува што има дечиња од 7-8 години се трудат да ги фатат чекорите, редовно се на пробите и желни да научат нешто ново. Исто така ми е мило што група ветерани го прифатија повикот да настапа на јубилејот. Нашата игроорка Ленче е запишана меѓу првите игроорци кои се зачлениле во друштвото, а потоа членуваат нејзините ќерки и внуци па така љубовта кон фолклорот се пренесува генерации, истакна Соња Андонов.

Друштвото додели плакети и благодарници на истакнати поединци и членови. Во фоајето на Центарот на култура беа изложени фотографии со народни носии од двата народи.ас/ир

Фото: МИА

Остани поврзан