Советот на Град Скопје ја донесе одлуката за промена имињата на улиците
- Советот на Град Скопје на денешната седница ја утврди листата за дополнување на листата на имиња на улици, мостови и плоштади на подрачјето на Град Скопје и ја донесе одлуката за определување
Скопје, 30 март 2021 (МИА) - Советот на Град Скопје на денешната седница ја утврди листата за дополнување на листата на имиња на улици, мостови и плоштади на подрачјето на Град Скопје и ја донесе одлуката за определување и промена на имињата на улици, мостови, плоштади на градското подрачје.
Советниците од ВМРО-ДПМНЕ ја напуштија седницата пред гласањето, а претходно реагираа дека според Законот за именување на улиците, тие не смеат да бидат именувани шест месеци пред избори и една година пред планиран попис на населението.
- Зошто го кршите законот за именување на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни проекти? Во член 8 од Законот јасно стои дека една година пред планиран попис не треба да има промена на имиња на улици, нагласи советничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Светлана Колариќ.
Според неа, во период на пандемија требаше да се амортизират други прашања кои се клучни за граѓаните, како што се социјална кохезија и меѓуетнички мир.
- Требаше да бараме решенија да се амортизираат проблемите на граѓаните во ова време - невреме. Вие наместо да се соочите со маките на граѓаните почнавте да раздавате имиња на улици, а во суштина планирате да направите грабеж и собирање пари од граѓаните, рече Колариќ.
Од ВМРО-ДПМНЕ реагираа и за, според нив, нетранспарентна постапка и оти дел од имињата на улиците се дискутабилни и спорни. Советниците од оваа партија посочија дека именувањето на улиците ќе има финансиски импликации врз правните лица.
Градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов рече дека со именување на улиците ќе се исправат историските грешки кои биле нанесени во минатото на Град Скопје и посочи дека ги враќаат улиците Водњанска, Железничка, Мексичка, Владимир Комаров...
- Направени се компромиси кои ќе придонесат граѓаните од нашиот град да се идентификуваат со сопствениот град, што е и суштината на именување на улиците, рече Шилегов. мс/сп/