• петок, 14 март 2025

Собраниската комисија за социјална политика останува блокирана, седницата треба да продолжи по паузата

Собраниската комисија за социјална политика останува блокирана, седницата треба да продолжи по паузата

Скопје, 14 март 2025 (МИА) - Во Собранието денеска имаше уште еден обид за одблокирање на работата на Комисијата за социјална политика, демографија и млади, на чиј дневен ред има само една точка - Предлог измените на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, по скратена постапка. И денеска како и завчера работата на оваа Комисија остана блокирана, иако претседателот на Собранието Африм Гаши за претседавач ја назначи пратеничката од владејачката коалиција „Влен“ Имрлије Салиу-Фетаи откако во понеделникот пратеникот Бејџан Иљас одби да ја извршува оваа функција. 

Фетаи на почетокот побара од членовите на Комисијата да се изјаснат за дневниот ред, нагласувајќи дека таа според член 126 став 3 е назначена да претседава со оваа Комисија само една точка од дневниот ред, односно за Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, по скратена постапка. На ова реагираа пратениците на СДСМ кои побараа да им се даде можност за процедурална забелешка.

Пратеничката на СДСМ Јованка Тренчевска побара процедурално за да го искаже предлогот за дополнување на дневниот ред, односно да биде ставен Законот за правата на бранителите.

Според пратеникот на СДСМ, Оливер Спасовски, во ниту еден член од Деловникот не стои дека Фетаи е назначена само за една точка од дневниот ред, туку, како што рече, за свикување на седница. 

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски објаснувајќи ја процедурата нагласи дека претседателот на Собранието ја задолжил пратеничката Салиу-Фетаи да ја води седницата на Комисијата со утврден дневен ред.

- Ако сака веќе некој да дава дополнување на дневен ред, тогаш оваа Комисија треба да добие претседател. Делегирајте некој што треба да биде претседател на оваа Комисија, ќе го гласаме сите 120 пратеници и потоа целосно да го имплементира Деловникот. Никој нема ништо спорно против нечие право да предлага точки на дневен ред, рече Стојаноски.

Спасовски и Тренчевска повторно побараа да им се даде можност за процедурална забелешка, но Салиу-Фетаи во тензична атмосфера побара од членовите на Комисијата да се изјаснат за дневниот ред и со 8 гласа „за“ беше изгласан дневниот ред.

Пратеникот на „Влен“, Ријад Шаќири, обраќајќи им се на пратениците на СДСМ рече дека тие прават циркуз и дека Законот за бранители нема да може да помине доколку не биде регулиран со закон и статусот на поранешните припадници на ОНА.

Спасовски побара пауза од час и половина. По оваа дадена пауза, останува да се види дали и како ќе продолжи седницата на оваа Комисија.

Проблемот во Комисијата за социјална политика почна во ноември минатата година откако пратеничката од Алијансата за Албанците, Илире Даути одби да го стави на дневен ред Предлог-законот за бранители доколку не се стави законско решение и за припадниците на УЧК. Собранието на пленарна седница на 10 јануари со поддршка од 61 пратеник и 22 „против“ изгласа интерпелација на претседателката на собраниската Комисија за труд, социјална политика и млади Илире Даути. Интерпелацијата за Даути во ноември ја поднесе пратеничката група на „Левица“ поради тоа што Даути, како што беше посочено на пленарната седница, со нејзиното „несовесно, неодговорно, противуставно и противзаконско однесување“ го кочела Законот за бранители поднесен од опозициската СДСМ со тоа што не го ставила на дневен ред на Комисијата со која претседава. Една недела подоцна Даути поднесе оставка од претседателската позиција во Комисија. фф/бак/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан