• среда, 25 декември 2024

Собранието го донесе Законот за задолжување на ЕСМ кај КфВ банката за ревитализација на хидроелектраните

Собранието го донесе Законот за задолжување на ЕСМ кај КфВ банката за ревитализација на хидроелектраните

Скопје, 21 февруари 2023 (МИА) - Собранието во рамки на попладневниот дел од денешната работа по дневниот ред на 103-тата седница едногласно со 89 гласа „за“ го донесе Законот за државна гаранција на обврските по Договорот за заем за финансирање на Програмата за обновлива енергија ЕСМ - Компонента I: Ревитализација на хидроелектрани, кој ќе се склучи меѓу Кредитната банка за обнова – КфВ и АД ЕСМ. Со Законот се овозможува државната енергетска компанија да добие заем од 25 милиони евра од Кредитната банка за обнова – КфВ.

Рокот на отплата на заемот е 15 години, со вклучен грејс период од пет години. Каматната стапка ќе се утврдува одделно за секоја транша од заемот при нејзино повлекување. При повлекување на секоја наредна транша се пресметува пондерирана просечна каматна стапка и истата ќе се применува на повлечениот износ од заемот. Заемот ќе се отплаќа во полугодишни рати кои пристигнуваат за плаќање на 30 јуни и 30 декември.

Преку Програмата за обновлива енергија ЕСМ - Компонента I ќе се спроведува ревитализација на хидроелектраните Вруток, Врбен, Равен, Тиквеш, Шпилје, Глобочица, Козјак и Св.Петка. Вкупно се потребни 36,2 милиони евра, а покрај заемот од 25 милиони евра, обезбедени се и 11,2 милиони евра инвестициски грант од Инвестицискиот фонд за Западен Балкан - ВБИФ.

Со ревитализацијата се очекува да се добие зголемување на инсталираната моќност од минимум 13,5 мегавати и зголемено производство на електрична енергија од околу 47,5 гигават часови годишно, намалени трошоци за одржување, зголемена доверливост и стабилност на системот за снабдување со електрична енергија.

Претходните две фази за ревитализација на хидроелектраните исто така се финансирани со заеми, од Светска банка и од  КфВ. Нивната инсталирана моќност изнесува околу 85 проценти од вкупната инсталирана моќност на хидроелектраните државата. Овие електрани учествуваат со просечно производство од 1.280 гигават часови, односно со нив се обезбедува 20 проценти  од вкупното производство на електрична енергија во државава.

Претходно, во попладневниот дел од работата пратениците од опозицијата истакнаа дека со последното задолжување долгот на земјава е зголемен за четири пати и посочија дека единствено решение за спас од непродуктивните задолжувања се предвремени избори и да дојде некоја друга поодговорна власт. Според нив, доколку се продолжи со задолжување во многу скоро време земјава нема да може да го сервисира долгот.

Во реплика пратениците од владејачкото мнозинство посочија дека за разлика од порано кога се задолжувавме за изградба на споменици сега од заемите кои се земни од оваа власт за подобрување на патната и водоводната инфраструктура и за поставување на фотоволтаици на јавни објекти се реализираат проекти во општините во интерес на граѓаните со кои се фалат токму градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ.

По гласањето претседателот на Собранието Талат Џафери ја прекина седницата и кажа дека за нејзиното продолжение пратениците дополнително ќе бидат известени. Тој за утре го закажа продолжението на 104-тата седница на која се расправа за разрешување на министерот за дијаспора Џемаил Чупи. вј/сп/

Остани поврзан