• сабота, 13 декември 2025

Сирискиот министер за надворешни работи се сретна со израелска делегација во Париз

Сирискиот министер за надворешни работи се сретна со израелска делегација во Париз

Париз/Дамаск, 20 август 2025 (МИА) - Сирискиот министер за надворешни работи Асад ал-Шабани се сретна со израелска делегација во Париз вчеравечер, објавија сириските медиуми.

Средбата се фокусираше на стабилноста во регионот и во јужна Сирија, се вели во извештајот.

Според медиумите, биле разгледани и деескалацијата, немешањето во внатрешните работи на Сирија, прекинот на огнот во покраината Свеида и сириско-израелскиот договор за прекин на огнот од 1974 година.

Разговорите се одржаа со посредство на САД. 

Привремениот претседател на Сирија, Ахмед ал-Шара, потврди на почетокот на мај дека се водат индиректни разговори со Израел. Безбедносни извори изјавија дека разговорите биле за договор за безбедност, особено за јужна Сирија.

Израел и Сирија официјално се во војна од 1948 година и никогаш не е потпишан никаков мировен договор. Голанската Висорамнина, окупирана од Израел во 1967 година и анектирана во 1981 година, е централна точка на спор. Анексијата не е меѓународно призната.

Израел распореди дополнителни трупи во областа по падот на долгогодишниот сириски владетел Башар ал-Асад на почетокот на декември и продолжува да спроведува воздушни напади во Сирија.

Ситуацијата неодамна ескалираше дополнително. Стотици луѓе беа убиени во борбите во јужна Сирија.

Израел, исто така, бомбардираше области на југ и во Дамаск со наведена цел да ги заштити Друзите, едно од засегнатите малцинства.

Критичарите го обвинуваат Израел дека намерно се обидува да ја дестабилизира Сирија по падот на ал-Асад. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан