• недела, 22 декември 2024

Симфониска бајка „Петар и волкот“ во Тетово

Симфониска бајка „Петар и волкот“ во Тетово

Скопје, 4 октомври 2024 (МИА) - Во рамки на годишната програма на НУ Музички ансамбал на Република Северна Македонија - Тетово, на сцената на тетовскиот Центар за култура, попладне ќе биде изведена симфониската бајка за деца „Петар и волкот“ - концерт наменет за најмладата публика.

Како што информираат од установата, камерен оркестар под палката на диригентите Агона Чупи и Ангел Спироски, заедно со нараторот Рахим Рамадани, ќе ги водат најмладите во прекрасниот свет на класичната музика на Сергеи Прокофиев, во две претстави на македонски и албански јазик.

Симфониската бајка е опишана како интересна и хумористична приказна за храброто момче Петар, кое со помош на животни и ловци, се обидува да го фати лошиот волк.

- Секој лик во приказната е претставен со еден инструмент, кои заедно формираат весела и храбра музичка дружина. Овој едукативен концерт на уникатен начин ги запознава децата со класичната музика, со музичките инструменти, нивниот тон и можност да ги доживеат ликовите опишани преку музика. Живописниот наратив ги привлекува младите слушатели во авантура, истакнувајќи теми како што се храброста, пријателството и важноста на критичкото размислување, се додава во соопштението.

Како што е најавено, „Петар и волкот“ на албански јазик ќе се изведува од 16 часот, а на македонски од 17 часот. Влезот е бесплатен. Концертот е наменет за деца од рана училишна возраст над шест години. бд/са/

Фото: НУ Музички ансамбал на Република Северна Македонија - Тетово

Остани поврзан